Библиотеката „Ал-Би“ во Бабино слави убав јубилеј


Куќата каде што е сместена библиотеката и Стево Степановски, човекот што ја создаде

 

Овој месец познатата библиотека „Ал-Би“ во демихисарското село Бабино одбележува 20 години откако и официјално е регистрирана од надлежните институции за организирање библиотечна дејност. Библиотеката постои и многу години пред тоа.

Оваа библиотека стана позната не само во Mакедонија, туку и во регионот поради нејзиниот огромен библиотечен фонд од 20.000 наслови, во кој има и многу ретки ракописи и стари изданија од 19. век. Таа е и своевиден центар за библиотечен аџилак, затоа што во овие 20 години неа ја посетија неколку десетици илјади луѓе за да се запознаат со примероците што ги содржи, а во исто време да прошетаат и низ питорескното село Бабино.

Во библиотеката има 20.000 наслови
Ретки примероци во библиотечните витрини

Стево Степаноски е човекот којшто стои зад овој потфат, кој со децении собира книги низ македонија, особено оние што имаат историска и библиотечна важност и што библиотеката ја смести во неговата стара семејна куќа. Покрај книгите, во библиотеката има и етно музеј, во големиот двор има амфитеатар за литературни читања и за средби на гостите.

Поради уникатноста на институцијата и богатството на фондот, библиотеката во Бабино ја посетуваат годишно од 1.500 до 2.000 луѓе, најмногу млади. Степановски вели дека има уште планови за развој на библиотеката, не само со проширување на библиотечниот фонд и дека соработката со државните институции, Архивот и МАНУ е од суштинска важност.