Бибер: Во Германија се намалува ентузијазмот за Вучиќ


Флоријан Бибер, професор по политички науки и експерт за Балканот на Универзитетот во Грац, рече дека односот на Германија кон српскиот претседател Александар Вучиќ веќе не бил толку срдечен и дека поддршката на Вучиќ за промена на границите и зајакнување на авторитарната власт го оладил ентузијазмот кој постоел спрема него.

„Додека дипломатите и политичарите кои ја следат ситуацијата во Србија, забележуваат зголемување на авторитаризмот, сè уште нема доволно волја да се зборува отворено за тоа“, рече Бибер за „Данас“, коментирајќи го ставот во Европската унија кон изборните резултати во Србија.

На прашањето за косовскиот проблем, тој рече дека „по ваквите изборни резултати, Вучиќ не може барем да каже дека има пречка да се постигне компромис дома, особено сега кога екстремната десничарска Српска радикална партија не влезе во парламентот“.

Говорејќи за откажувањето на состанокот што требаше да се одржи на 27 јуни во Белата куќа, тој изјави дека претставникот на американскиот претседател за разговорите меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел, „соработувал само со (косовскиот претседател Хашим) Тачи, па дури и придонел за падот на владата на Курти“.

Тој додаде: „Со обвинението против Тачи, неговиот партнер исчезнува и ќе бидат потребни месеци за да има јасен партнер во Косово кој е доволно силен и има мандат за преговори“.

„Очекувам дека ЕУ ќе го преземе дијалогот, што ќе придонесе за побавен и посистематски процес“, рече Бибер.