Биба Додева победи на поп-вечерта на „Охрид фест- Охридски трубадури“


Со песната „Како некогаш“ Биба Додева победи синоќа на поп-вечерта на фестивалот „Охрид фест- Охридски трубадури“. Пејачката вели дека е автобиографска и во неа пее за љубовта на својот живот која што ја загубила.

На музиката и на аранжманот на моќната балада на Владимир Дојчиновски- Дојчин совршено легна приказната на текстот која ја напиша поетесата Ана Бунтеска.

„Песната е автобиографска, и на Ана, и моја и на сите оние кои што изгубиле некого. Инаку, Ана ја познавам од многу одамна. Јас сум еден од оние нејзини фанови, и го почитувам нејзиниот збор, нејзините песни сето она што таа го прави, раскажа Биба за „Женски магазин“ зад сцената на „Охрид фест.

Со фолк вечерта и настап на реномирани изведувачи на новокомпонирана народна музика во четвртокот вечер во Охрид започна годинешното, 26-то по ред издание на Меѓународниот музички фестивал „Охрид Фест – Охридски трубадури“.

Вечерва на сцената поставена на Кејот „Македонија“ е најатрактивната , Интернационалната вечер на Фестивалот.

Оваа година на Интернационалната вечер ќе настапат познати пејачи од регионот и од Европа, меѓу кои дуетот Маја Оџаклиевска – Срѓан Марјановиќ, Марко Кон, Рената Мохорич, Горан Шарац, Лорена, Теди Грубица, Клаудија, Авењу, Дуото Заки, Славен Кнезовиќ, Анѓелко Ано Ѓурашевиќ, Аида Дочи, Толис Дамјанос, Слим Принс, како и шведскиот рок пејач Џим Џидхед.

Фестивалот е директно пренесуван преку МРТ како и австралиската сателитска телевизија „ИН“.