Биариц претворен во тврдина пред самитот на Г7

Само неколку дена пред самитот на Г7 во Биариц на 24 и 26 август, срцето на градот е целосно затворено во полн ек на туристичката сезона, јави дописникот на МИА.

Претседателот на Франција Емануел Макрон за време на подготвителната посета на Биариц во мај изјави дека „безбедносните мерки  ќе бидат „исклучително тешки и досега невидени“.

„Веќе има неколку насилни француски и европски групи, кои закажале собири, како што е за жал, секој пат кога станува збор за Г7 и Г20“, предупреди тој.

Државните власти не го прецизираат бројот на мобилизирани полициски сили, сериозно изморени од долгата криза на „жолтите елеци“.

Но, Макрон истакна дека ќе има „многу“.

-Ќе има во Биариц, но и во Англе, Бајон и во градовите и чувствителни места каде што некои би можеле да бидат поттикнати или да доведат до нарушување на редот.

Идејата, рече шефот на државата, „е да можеме да ги приведеме што е можно поскоро оние што понекогаш се подготвуваат да го извршат најлошото, особено кога се опремениза судири.“

Во Биариц, каде се очекуваат повеќе од 5.000 учесници, технички персонал и новинари за самитот, утврдени се два периметри.

Зоната 1 (засилена безбедносна зона) ги вклучува сите места за состаноци за делегациитеи ќе биде затворена за сообраќај на возила и неовластени пешаци. Сурферите и капачите нема да можат да стигнат до Гранде Плаж, над која стои хотелот ди Пале каде ќе се сретнат лидерите на седумте држави.

Во зоната 2 (т.н. заштитна зона), возачите ќе бидат толерирани доколку се здобијат со налепница и пешаците мора да имаат беџ.

– Потоа ќе има концентрични кругови каде што степенот на безбедност е силен, но каде ограничувањата се опуштени, рече Емануел Макрон.

Покрај тоа, аеродромот и станицата на Биариц ќе останат затворени за време на самитот, како и станицата на Бајон. Ниту еден објект нема да лета над градот и ќе бидат распоредени дронови.

Префектот на Пиринеи-Атлантик Ерик Шпиц рече дека нема да бидат дозволени демонстрации во трите града „БАБ“, Бајон-Англе-Биариц.

Организациите на „контра-самитот“, кои очекуваат 12.000 лица за три дена конференции и работилници (21-23 август), затоа го избраа Хендеј каде ќе  демонстрираат на 24 август.

Следниот ден, акциите на „окупација на јавни места“ ќе се одвиваат во седум градови кои граничат со приморското одморалиште.

Организаторите уверија дека немале намера да предизвикаат деградација или судири со полицијата за време на овие демонстрации. „Ако има репресивно насилство, ние ќе се спротиставиме со ненасилните техники на отпор“, рекоа тие.

Покрај обезбедувањето од полициските сили, во безбедноста на самитот е вклучена и армијата со сите расположливи средства  како ракети, подморници, фрегати, авиони и хеликоптери.