Би Би Си: Што значи изборот на Пендаровски за претседател


Изборот на Стево Пендаровски за прв претседател на Северна Македонија со себе носи четири пораки: прв бран на прифаќање на новото име на земјата, непроменета регионална и надворешна политика, обединување на власта и подготовка за парламентарни избори, пишува Би Би Си на српски јазик.

Пендаровски, како што наведува Би Би Си, им понуди на гласачите продолжување на политиката на премиерот на Северна Македонија Зоран Заев, кого медиумот го нарекува „главен протагонист во договорот со Грција“.

– Избравме загарантиран пат напред, за сите луѓе, земјата, пат кон НАТО и ЕУ, кон развиениот свет каде што припаѓаме, изјави Пендаровски по изборите.

Владата на Заев и досега јасно ги поврзуваше европските и евроатланските интеграции со прифаќањето на новото име на земјата. Пендаровски во интервју за Би Би Си меѓу двата изборни круга јасно нагласи дека надворешната политика, која е главен дел од надлежностите на претседателот на државата, нема да се менуваат.

– Нашето место е во НАТО, нашето место е во ЕУ. Точка. Крај. Нема веќе назад. Темните времиња се поразени, како и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, сеењето страв, поделбите, судирите, нагласи Пендаровски.

Партијата на Зоран Заев доби свој човек и на функцијата претседател на државата, по воспоставување контрола над парламентарното мнозинство и победата на речиси сите избори во претходните три години, наведува британскиот јавен сервис.

Досегашниот шеф на државата Ѓорге Иванов е избран на предлог на ВМРО-ДПМНЕ пред пет години, а Би Би Си истакнува дека во последната година од својот мандат се обидувал да ги опструира потезите на новата власт, пред се на планот на промената на името на земјата.

Пендаровски меѓу давата круга го зголеми бројот на своите гласачи за 140.000, но ниската излезност во првиот круг и неопходноста од поголемо ангажирање на владејачката партија ги обележаа изборите во земјата, која следната година ја очекува многу важно гласање на редовните парламентарни избори, пишува Би Би Си.