Би-Би-Си го вброи Елмас меѓу 20 нови европски фудбалски ѕвезди


Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас се најде на листа која британскиот сервис Би-Би-Си ја состави од 20 најталентирани европски фудбалери пред кои е блескава професионална кариера.

– Со две успешни сезони зад себе во дресот на Наполи и над 200 натпревари во сениорска конкуренција, ЕУРО2020 може да биде сцена за уште повисоко реноме за „македонскиот дијамант“, наведува Би-Би-Си.

Дваесетиедногодишниот Елмас дебитираше за македонската репрезентација во јуни 2017 година и оттогаш е незаменлив во националниот тим, постигнувајќи седум голови на 27 натпревари.

Во друштво на Елмас во изборот на Би-Би-Си се Џереми Доку (Белгија), Џордан Ларсон (Шведска), Адам Хложек (Чешка), Бечир Омерагиќ (Швајцарија), Рајан Гравенберх (Холандија), Оркан Кокчу (Турција), Александер Исак (Шведска), Алекс Крал (Чешка), Нуно Мендеш (Португалија), Џамал Мусиала (Германија), Саша Калајџиќ (Австрија), Халил Дервишоглу (Турција), Кристоф Баумгартнер (Австрија), Томас Суслов (Словачка), Камил Пјатковски (Полска), Јоско Гвардиол (Хрватска), Они Валакари (Финска) и Педри (Шпанија).