БГНЕС: Вучиќ од Скопје се вклучи во антиевропската реторика


По синоќешното пристуство и обраќање на српскиот претседател Александар Вучиќ на Свестосавската академија во Скопје, по повод 27 јануари – Националниот ден на српската заедница во земјава, бугарската новинска агенција БГНЕС излезе со извештај и со коментар за настанот со посебен фокус на обраќањето на Вучиќ. Според бугарската агенција, српскиот претседател вчера во центарот на Скопје отворено се приклучил на антиевропската реторика и пропаганда, која, како што се наведува, води кон блокирање на европската перспектива на Северна Македонија.

Известувајќи за настанот, новинската агенција, веднаш на почетокот, по првиот воведен пасус, ја цитира изјавата од говорот на Вучиќ во која тој вели:

„Србија не бара од Северна Макеоднина промена на Уставот, тоа е ваша внатрешна работа“.

Се наведува и дека Вучиќ празникот го прослави заедно со македонскиот претседател, Стево Пендаровски, премиерот во оставка Димитар Ковачевски и дека на настанот присустуваа и претставници на Република Српска.

„Јас сум претседател на Србија, но не се плашам да кажам дека Македонците се нашиот најблизок народ. Немаме поблиски луѓе од Македонците. Отворено и јасно го кажувам пред целата српска и македонска јавност. Не сакаме ништо од Северна Македонија. Немаме услови за ништо. Не очекуваме ништо. Единствено што би сакале е да изградиме уште подобри и поблиски односи“,го цитира БГНЕС делот од обраќањето на српскиот претседател на Светосавската академија во Скопје.

Објаснувајќи го контекстот, агенцијата потсетува дека без задолжителниот услов за измени на Уставот, Република Северна Макеоднија не може да ги продолжи преговорите за членство во Европската Унија. Тие, како што наведува БГНЕС, се вградени во Преговарачката рамка, која беше одобрена од сите земји-членки на блокот.

Агенцијата во написот се осврнува и на делот од обраќањето на Вучиќ каде тој говори за Свети Сава, посочувајќи дека тој е најголем српски просветител, најважен ум, голем поет и најголема духовна личност.

„Тој е споменик на големината на Србија и нејзината култура и затоа нашата земја го носи неговиот лик високо на знамињата, покажувајќи кон какви морални вертикали се стреми“,додаде српскиот претседател.

Понатаму во извештајот за настанот се пренесува и дел од обраќањата на македонскиот претседател, Стево Пендаровски и на премиерот во оставка Димитар Ковачевски.

„Овој значаен ден е посветен на големиот средновековен српски свештеник, учител и градител Свети Сава. Тој беше инспирација за генерации Срби да го негуваат својот идентитет, јазик, писмо и култура и да создадат трајни вредности. Главен приоритет на македонската држава е одржувањето на соживотот во нашето мултиетничко, повеќејазично и мултирелигиско општество…Меѓу нас вечерва се некои од бројните и истакнати членови на српската заедница кои ја збогатуваат нашата општествена, научна, културна, спортска и политичка заедница. Ве охрабрувам да продолжите да давате сè од себе за доброто на нашата заедничка земја. Висококвалитетните меѓуетнички односи ги надополнуваат добрите односи меѓу нашите две пријателски земји“,го цитира БГНЕС овој дел од обраќањето на Пендаровски.

Бугарската новинска агенција пренесува и цитира и дел од обраќањето на претседателот на Народното собрание на Република Српска, Ненад Стевандиќ, кој посака српската заедница во Северна Македонија да биде „посилна и пообединета, а потоа го спореди претседателот Вучиќ со светецот.

„Ние припаѓаме на еден дух, на една традиција, на една култура за која нема граници, обичаи и места каде што може да се запре, а ја создаде еден голем потег на Свети Сава. На овој ден се сеќаваме дека Свети Сава прво ги помири своите браќа, ги заштити еден од друг, а потоа не помири со другите соседни народи“, рече Стевандиќ.

Тој, како што пренесува БГНЕС, изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ добро го разбира ова „бидејќи и тој работи слична работа“. Стевандиќ, се додава, му се заблагодари на „братскиот македонски народ“ и изјави дека Србите се чувствуваат слободни на сите празници што ги слават заедно со Македонците, како во Зебарњак, Куманово и Кајмакчалан, така и во Топола и Бања Лука.

Агенцијата потсетува дека Стевандиќ е на „црната листа“ на САД, кои го санкционираа во јули 2023 година за попречување на Дејтонскиот мировен договор, сепаратистички акции, корупција за лична корист итн.