БГНЕС: Врие од улици со имиња на комунистички диктатори, Павел Шатев протеран од градот
Бугарската новинска агенција БГНЕС реагира на предлогот за промена наимињата на улиците во Скопје оценувајќи дека имињата на најпознатите водачи на национално ослободителното движење, вклучително и на учесници во солунските атентати, се избришани од градот.
-Веќе нема да има улица во Скопје именувана по Борис Сарафов, кој заедно со Даме Груев и Анастас Лозанчев го предводеа штабот на Илинденското востание во 1903 година. Павел Шатев, еден од солунските атентатори, е протеран од градот. По 1945 година тој бил испратен во егзил од режимот на југословенскиот диктатор Јосип Броз Тито, а неговото тело било фрлено во дворот на црква во градот Битола.
Шилегов исто така ја избриша улицата на еден од основачите на ВМРО Христо Батанџиев и на трагично загинатиот во 2004 година во авионска несреќа претседателот Борис Трајковски. И денес македонската престолнина е единствениот град во Европа каде се среќаваат улици и булевари со имиња на комунистички лидери, вклучувајќи го и диктаторот Тито. Нема единствена улица во градот именувана по барем еден од десетиците илјади прогонувани и убиени од 1945 година. Со имиња на комунистичките водачи има многу фабрики, училишта, па дури и културни центри, тврди БГНЕС.