БГНЕС: Во Македонија има 471 бугарски воени гробишта


Во Македонија има 471 бугарски воени гробишта во кои се погребани во најголем број војници од периодот од 1916 до 1917 година, објави БГНЕС по повод бугарскиот  Ден на храброста – 6 мај, кој вчера бил  одбележан и во „Споменикот на бугарските војници“ во Ново Село во Македонија.

Споменикот, каде што се погребани останките на 71 бугарски војник, се наоѓа недалеку од градот Струмица.

„Ова е едно од 471 бугарски воени гробишта на територијата на денешна Северна Македонија, каде што се погребани оние што загинале во Балканската, меѓусојузничката и Првата светска војна. Тие потекнуваат од сите региони на денешна Бугарија и од териториите одземени од Бугарија со Нејскиот договор. Стотици граѓани им оддадоа почит на паднатите бугарски војници“, напиша БГНЕС.

На настанот присуствувале вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Бугарија во Република Северна Македонија, Жељазко Радуков, градоначалникот на Петрич, Димитар Брчков и претставници на Бугарската национална гарда. Воените аташеа на Хрватска, Италија, Романија, Турција, Кина, Украина и други дипломати им оддадоа почит на загинатите.

Бугарскиот дипломат прочита дел од честитката упатена од министерот за надворешни работи Георг Георгиев: „Денес, духовното обединување на европските народи е околу споделените вредности на човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и човековите права. Тие се фундаментални за Европската Унија. Тие се неотповикливи принципи на однесување на внатрешен и надворешен план за секоја земја-членка. И овие вредности треба да се почитуваат не само декларативно, туку и со своите постапки од страна на сите земји кои искрено се стремат да бидат дел од европското семејство.“