БГНЕС: Скопје го испраќа Љупчо Георгиевски во објаснувачка мисија во Бугарија

Поранешниот македонски премиер и основач на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски, во наредните денови ќе пристигне во Бугарија за да помогне во решавањето на тековните спорови меѓу двете земји. Посетата ќе се одржи откако тој неодамна имал разговор со премиерот Зоран Заев, пишува бугарската агенција БГНЕС пренесувајќи детали од синоќешното интервју на Георгиевски за емисијата „360 степени“ на Алсат.

Поранешниот премиер најави дека ќе има јавни настапи со цел да разбие некои тези што во моментов се шират во Бугарија и таа правилно да го процени однесувањето на врвните македонски лидери. Георгиевски смета дека Софија не разбира што значи македонски претседател или премиер да објави дека Гоце Делчев е заеднички херој и на Македонија и на Бугарија. Љупчо Георгиевски повеќепати ја потенцираше позитивната улога на претседателот Стево Пендаровски и особено на премиерот Зоран Заев, кои се за приближување кон Бугарија, која тие ја опишаа како пријателска земја, пишува БГНЕС.

Според агенцијата, Георгиевски признал дека многу малку е направено за приближување кон Бугарија во последните 30 години и дека македонската дипломатија ја преспала последната година, а особено периодот кога рамковната позиција за Македонија беше расправана и усвоена во бугарскиот парламент.

Во однос на минатото, според БГНЕС, тој се прашувал како некои стари обвинувања опстојуваат во демократијата, па го повикал секој македонски граѓанин кој сака да учи историја да оди и да ги купи книгите објавени од македонскиот архив во времето кога со него раководеше Зоран Тодоровски.

„Нема фалсификати, сè е во оригинал. Секаде може да се види дека Македонец и Бугарин се едно исто“, потенцира Георгиевски посочувајќи дека во Македонија нема ништо за периодот на двете балкански војни (1912-1913) и Првата светска војна  (1914- 1918 година).

„И ова е многу едноставно, затоа што и левите и десните беа на страната на Бугарија. Имаме илјадници доброволци кои се бореа во редовите на бугарската армија. Македонија, исто така, не знае ништо за Македонската патриотска организација во САД и Канада, која е основана од елитата на македонската бугарска емиграција. Некои од нив достигнаа високи позиции во бизнисот, науката и администрацијата преку океанот. Во Македонија и натаму продолжуваат да се потсмеваат на оние што се претставуваат како Бугарија.

Проблемот со препрочитување на македонската историја не е заради Договорот со Бугарија, ние тоа треба да го направиме за нас самите. Ние негираме огромна, богата историја само затоа што има многу силна врска со Бугарија. Ние негираме жив народ затоа што тие се идентификуваа како македонски Бугари“, го цитира Георгиевски БГНЕС.