ЕП на чекор до отстранување на „македонскиот идентитет и јазик“ од извештајот

За бришење на термините „македонски јазик“ и „македонски идентитет“ се согласиле ЕПП, социјалистите и либералите.


 

Трите најголеми политички сили во Европскиот парламент – ЕПП, Социјалисти и социјалдемократи и Обнови ја Европа – се усогласија да ги отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија, објави БГНЕС. Се очекува мнозинството во пленарната сала во Стразбур на 7 јули да ги поддржи нивните амандмани на извештајот на гласањето следната недела.

Практично испаѓа дека трите политички групи во ЕП, место да дадат амандман со додавката „модерен“, го решиле спорот подипломатски и поефикасно – предлагајќи да се тргнат деловите  со македонскиот јазик и идентитет, така што Македонија ќе нема веќе што да слави, но нема ни на што да се жали за да ги прекине преговорите со Унијата.  

За потсетување, Комисијата за надворешни работи на ЕП го усвои извештајот за Северна Македонија во кој на  четири места директно се споменуваат „македонскиот идентитет и јазик“, тема што предизвика жестоки реакции од официјална Софија во изминатиот период. Во членот 2 од Извештајот, во една точка се наведува:

„(Европскиот парламент…) го повикува Европскиот совет да и даде јавна и недвосмислена поддршка на Северна Македонија дека има намера брзо и безусловно да донесе позитивна одлука за влез во следната фаза од преговорите за пристапување по исполнувањето на условите од неговите Заклучоци од 18 јули 2022 година, целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет”.

Во истиот член, со усвоениот амандман во вторникот на 24 јуни, се наведува следното:

„Ја потврдува важноста на недвосмисленото признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од наследството на нацијата, уставниот поредок, но и од европските вредности; забележува дека европските институции, во своите извештаи за земјите и официјални документи, постојано се повикуваат на македонскиот јазик во согласност со меѓународното признавање и спроведувањето на Преспанскиот договор; потврдува дека почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е фундаментална компонента на процесот на пристапување во ЕУ и камен-темелник на демократските општества, што дополнително ќе се потврди со пристапувањето во семејството на европските нации”. 

Таквиот развој на настаните е и најлогичен со оглед на претходните најави од Групата на народни парти дека ќе предложат дополнителен амандман кој до „македонскиот јазик и идентитет“ ќе го додаде зборот „модерен“, односно „современ“. Тоа би бил потег што не може да си го дозволи Брисел, бидејќи ќе прати сигнал дека на ред сега е промена на статусот на јазикот, што ќе биде пак аргумент за нашата влада дека ЕУ повторно сака да ни го смени идентитетот.

Од владини кругови неофицијално се нафрлаше дека ако помине амандманот со „модерен“ може да бидат прекинати преговорите со ЕУ, иако целата ситуација ја испровоцира токму нашиот премиер Христијан Мицкоски истрчувајќи се  со лобирањето за јазикот и со откривањето детали околу извештајот. Така што, објавената победа по гласањето во Комисијата за надворешни работи и усвојувањето на четирите амандмани со „македонски јазик и идентитет“ најверојатно ќе има краток век.

Практично испаѓа дека владата само си направи предизборна тема за да ги стави во втор план тешките прашања со кои се соочуваше изминатите месеци, или народски кажано – пак не навлече на политичка игранка и празна реторика. Тоа не значи дека ваквиот потег нема да предизвика политичка штета за Македонија, бидејќи сега ќе виси впечатокот дека ЕП не сака да го спомене „македонскиот јазик и идентитет“ во извештајот.

Дополнително, според новите амандмани до кои дојде „Независен“ и за кои рок за поднесување беше вчера, известувачот Томас Вајц значајно ретерира околу првичните позиции, па во извештајот не само што ќе нема признавање и почитување на „македонскиот јазик и идентитет“, туку може да се изгласа и политичко оградување. Имено, со два амандмани Вајц предлага да се додаде во уводниот дел од извештајот ставот:

„Со оглед на тоа  што прашањата за јазикот, идентитетот и културата се по природа чувствителни, особено во контексти што вклучуваат сложени историски наративи и нови независни држави“, како и ставот дека ЕП „го признава постоењето на различни толкувања во врска со потеклото на македонскиот јазик и идентитетот; нагласува дека неговиот извештај нема за цел да прејудицира или да го ограничи научниот дискурс за овие прашања, ниту пак таквите толкувања имаат влијание врз оценката на Парламентот за напредокот на Северна Македонија кон пристапувањето кон ЕУ, која останува заснована на критериумите од Копенхаген и принципите на добрососедски односи“.

Ако пројде вториот амандман на Вајц, зад кој засега не стојат други политички групи, тој практично потклекнува пред бугарските притисоци и ја зацементира нивната позиција за спорното потекло на јазикот, што е токму спротивното од тоа што сакаше да постигне нашата влада. 

Инаку, вкупно се поднесени 28 нови амандмани на извештајот, од кои 10 само од бугарскиот европарламентарец Ивајло Велчев од Има таков народ, кој  она што не му успеа во Комисијата за надворешни работи сака да го протне на пленарната седница. Со овие амндмани тој практично бара да се избрише ставот за гласање со квалификувано мнозинство околу прашањата поврзани со проширувањето (зад што застанаа и парламентарци од радикалните политички групи), Протоколот да се спомне меѓу документите во уводниот дел што ќе го стави на исто рамниште со Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија, да се констатира заедничка историја на Бугарија и Македонија и во тој дух да биде образовниот процес, да се осуди политиката кон бугарските културни клубови кај нас, да се применат заклучоците на Историската комисија досега и, во делот во кој се повикува на почитување на човековите права, да се нагласат правата на бугарската заедница. И, како најважно, Велчев го одржува во живот амандманот „современ“ за јазикот и идентитетот и самиот предлага таков еден на извештајот, иако со мали шанси да пројде, освен ако нема некои политичко сценарио во ЕП.

Останатите амандмани се од грчки европралманетраци главно од радикалните партии и главно против гласањето со квалификувано мнозинство, но и такви со кои се бара таму каде што стои придавката „македонски“ да се замени со „на Северна Македонија“. Меѓу нив е и амандманот со кој се осудува „јавната злоупотреба, како што стои, на зборот Македонија од страна на владините  функционери, меѓународни форуми, јавни институции  и спортски организации“. Како куриозитет има и амандман од радикалната група Европски суверени нации Македонија никогаш да не стане членка на Унијата.