БГНЕС: 18 август ќе биде историски ден за Македонија


Бугарските медиуми дискретно ги следат настаните околу уставните промени, веројатно од страв да не ги разгорат дополнително страстите со своите оценки. Единствено „медиумското дуќанче“ на ГЕРБ и на Екатерина Захариева, БГНЕС, ги упери подиректно рефлекторите на денешната седница со клучна дилема – ќе се успее ли сега да се донесат уставните измени или за овој процес ќе треба повеќе од една генерација? 

Според БГНЕС, Македонија е на прагот на еден од најважните настани во нејзината модерна историја – заедно со Албанија да ја започне својата интеграција во Европската унија, а „одложувањето и барањето непостоечки непријатели, каде што ги нема, е на штета на самата држава“. Притоа БГНЕС потсетува колку долг пат измина досега Македонија за ЕУ и набројува куп, според нив, заслуги на Бугарија во нејзиното етаблирање, од кои овде кај нас одамна ни се слошува кога ќе ги слушнеме, бидејќи се алиби за лажна поддршка. 

„Вистинскиот пробив и отстранувањето на меѓународната изолација беше благодарение на
Договорот за пријателство и добрососедство, кој го потпишаа Бојко Борисов и Зоран Заев на 1.8.2017 година. Ефектот од тоа беше впечатлив“, оценува БГНЕС, па додава:

„Со активната улога на Софија, РСМ многу брзо стана членка на НАТО. Ова членство очигледно
кај некои странски сили беше доволна причина да се поттикнат властите во Скопје да почнат да
го саботираат спроведувањето на Договорот со Бугарија (алузија веројатно на Србија). Следните неколку недели се одлучувачки за иднината и можат да се покажат како пресвртница за Република Северна Македонија – која со гордост ќе излезе од процесот со крената глава и заедно со Албанија ќе ги отвори преговорите за влез во европското семејство или поради странски геополитички интереси ќе остане во изолација. Овој 18 август 2023 година ќе биде историски датум за Република Северна Македонија“, пишува БГНЕС.

Овојпат, според БГНЕС, нема време за политиканство и политички шегобијства, бидејќи до
Втората меѓувладина конференција на ЕУ има помалку од два месеци.

„Точно ќе се одлучи дали Македонија ќе влезе во преговорите, заедно со Албанија, или – не!
За да се случи тоа на 18 август треба да гласа Собранието на РСМ за  дневниот ред со една точка – Предлог да се пристапи кон изменување и дополнување на уставот на Република Северна Македонија. Ако Бугарите не бидат прифатени во Уставот, Македонија отпаѓа и преговорите ќе бидат отворени само со Албанија“, пишува БГНЕС.

Притоа медиумот се чуди зошто власта во РСМ не бара разбирање од пратениците за да го добие потребното мнозинство за измени на Уставот, туку се фокусира на спорот со ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер „отворено брани не национални, туку странски интереси“. 

„До кога Македонија ќе покажува слабост пред таканаречената длабока држава, до кога ќе се блокира и до кога ќе  бара изговори и ќе се правда дека се загрозени нејзиниот идентитет и јазик наместо да ги прифати европските и ЕУ вредности? Колку долго ќе биде слепа пред фактот дека во Бугарија отсекогаш имала пријател и поддржувач, а не непријател“, коментира БГНЕС.

Според негова оценка, по усвојувањето на францускиот предлог, спорењето меѓу партиите во Македонија не само што излегло од контрола , туку и „надвор од вообичаено 
добриот тон во меѓудржавните и меѓуинституционалните односи“.

„Националистичката хистерија во РСМ доведе до нарекување на претседателката на ЕК, Урсула
Фон дер Лајен „кучка“, а францускиот претседател Емануел Макрон „фашист“. Вклучувањето на Бугарите во Уставот е најважниот дел од преговарачката рамка и ова не треба да го заборават партиите и парламентот во РСМ.Од РСМ постојано тврдат дека се загрозени нивниот национален идентитет и јазик. Интересно, со оглед на тоа што додавањето на делови од народи во преамбулата и во членовите 49 и 78 од Уставот ги вклучува, покрај бугарскиот и хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египетскиот народ“.

БГНЕС притоа забележува дека по францускиот предлог продолжил  „јазикот на омразата кај нас, па и ескалирал и дегенерирал во физичко пресметување и политичка репресија“.

„Затворањето на бугарските клубови во РСМ тешко може да се смета за знак за
пријателство. Промена на законот за да се „озакони“ затворањето, дефинитивно
го носи мирисот на тоталитарното минато кое сите сакаме да го оставиме зад нас.
Тепањето и малтретирањето на Бугарите – Пендиков, и палењето на бугарското државно знаме на државните празници, се акти на невидено самоосакатување на државно ниво. Следна беше  манифестација на „херојство“ на министерот за внатрешните работи на РСМ кој за време на годишнината од смртта на Гоце Делчев годинава го остави без струја контролниот пункт меѓу Бугарија и Северна Македонија.  Министерот за внатрешни работи на РСМ, Оливер Спасовски ги награди подоцна полициските службеници кои  ја извршија саботажата“.

Сега, според БГНЕС на маса е „ултиматумот“ од „Вајмарската тројка“: „Сменете го Уставот, зошто  подобар договор нема“. (Н.Р.)