Безвременскиот балет „Лебедово езеро“ во НОБ


Во Националната опера и балет вечерва ќе биде изведена балетската претстава „Лебедово езеро“, под диригентската палка на Бисера Чадловска, во кореографија на Виктор Јаременко од Украина.

– Ода за моќта на љубовта! Балетска класика која ја раскажува вечната борба помеѓу доброто и злото. Легендата за мистериозната лебед-жена е еден од најромантичните класични балети и се карактеризира со многу елеганција, стил и хармонија. Со познатата, лирска мелодија на П. И. Чајковски, „Лебедово езеро“ ја отсликува трагичната љубов помеѓу принцезата Одета и принцот Зигфрид. Ова универзално и волшебно ремек-дело на љубов, измама и драма не смее да се пропушти, велат од НОБ.

Во улога на Одета ќе настапи гостинката од Бугарија, примабалерината Марта Петкова, во улогата на принцот Зигфрид ќе настапи Васил Чичиашвили од Грузија, а Ротбарт е Балаж Лашеи од Унгарија, Па де труа се Христина Наќевска, Ангела Велевска, Ендру Кук од Англија. Настапуваат солисти, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Сценографијата и костимите се на Украинците Андреј Злобин и Гана Ипатиева.