Безос ја продава куќата во која е роден Амазон. Цената е 2,3 милиони долари, еве како изгледа (видео)


Џеф Безос поседува голем број луксузни имоти вредни стотици милиони долари, но еден дом поврзан со основачот на Амазон штотуку се појави на пазарот за „само“ 2,3 милиони долари.

Куќа во Белви, Вашингтон, претставува важен дел од историјата на Амазон. Во гаражата на куќата во која Џеф Безос живеел во 1990-тите, Амазон е основан во 1994 година, пишува Бизнис инсајдер.

Парот Безос ја изнајми оваа скромна куќа од речиси 150 метри квадратни за 890 долари месечно. Имотот е изграден во 1954 година, но е реновиран во 2001 година, според огласот на Zillow.

Се шушка дека ја зел токму поради гаражата

Всушност, домот делумно му се допаднал на Безос затоа што сакал да покаже како изградил стартап од гаража, во традицијата на Силиконската долина.

Не е јасно дали гаражата била значително променета за време на реновирањето, изјави за Скај агентот за недвижности Лин Шен.

Куќата е продадена за 182.000 долари во 1998 година; и 375.000 долари во 2005 година; за 620.000 долари во 2009 година; и неодамна 1,53 милиони долари во 2019 година. Сега на 18 јануари на пазарот се појави со цена од околу 2,3 милиони долари.

Иако станува збор за многу поскромна куќа од која било од неодамнешните резиденции на Безос, може слободно да се каже дека овој дом бил клучен во изградбата на милијардите на Безос – 183 милијарди долари поточно.