Бежоска: Девизните резерви растат и се повисоки од пред пандемијата
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2024/07/Ангеловска-Бежоска-СЕПА.jpg)
Нивото на девизните резерви на крајот на минатата година достигна пет милијарди евра и тие се повисоки за околу 50% во однос на претпандемичниот период, изјави гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на гостувањето во емисијата „Утрински брифинг” на „Слободна ТВ”. Таа посочи дека девизните резерви се најважниот фактор за одржување на стабилноста на домашната валута и дека во изминатиот период, и покрај кризите, тие речиси непрекинато растеа, како гаранција за задржување на стабилноста на девизниот курс.
Ангеловска-Бежоска посочи дека растот на девизните резерви главно се должи на откупот на девизи од страна на централната банка на девизниот пазар, којшто речиси постојано се остварува од средината на 2023 година.
„Вкупно за изминатите две години ние како централна банка на девизниот пазар откупивме 750 милиони евра, со што во целост се надомести износот којшто беше искористен за интервенции на девизниот пазар во периодот на пандемијата и во периодот на енергетскиот шок. Сето ова јасно говори за воспоставените силни одбранбени механизми од идни потенцијални ризици и шокови, заради натамошно одржување на стабилноста на девизниот курс на домашната валута”, нагласи Ангеловска-Бежоска.