Бездомните кучиња „декор“ на скопските улици, граѓаните загрижени, кучињата небезбедни
Последниве години низ скопските улици може да забележиме дека бројот на бездомните кучиња станува сè поголем. Граѓаните се загрижени за оваа состојба, а животните остануваат небезбедни на улиците. Стационарот „Вардариште“ моментно е празен, а јавното приватно претпријатие што би требало да ги преземе надлежностите на „Вардариште“ уште е во најава. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, признава дека се доцни со реконструкцијата на „Лајка“, но очекува дека многу брзо ќе се земе контрола и на тој систем. Директорката на „Лајка“, Тина Петрушевска, одби да даде изјава со образложение дека објектот е во фаза на реконструкција и оти конкретно за „Лајка“ ќе зборува кога ќе биде изгласана новата програма и кога ќе се почне со работа. Шилегов смета дека проблемот е наследен и сериозен. – Испреплетени се многу надлежности од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Град Скопје, останатите општини кои исто така имаат обврска да направат стационар, но нема ниту една општина во нашиот град што има стационар и таму ќе ни треба макотрпно спроведување на политиките што ќе ги креира Градот, вели Шилегов. Здружението „Анима мунди“ вели дека проблемот со бездомните кучиња ескалира, а како што велат, градоначалникот останува затворен за нивните барања. Радмила Пешева од „Анима мунди“ во изјава нагласува дека пратиле неколку предлози до градоначалникот за овој проблем, но комуникацијата останала еднонасочна. Таа останува на ставот дека „Лајка“ нема да го реши проблемот. – Шест „Лајки“ сега Шилегов да направи, нема да го решат проблемот. Ништо нема да нè спаси сега. Затоа што прво проблемот е ескалиран, друго „Лајка“ како јавно претпријатие, да збориме дека ќе почне да работи онака како што налага програмата, тоа е само еден дел од целиот спектар мерки. Скопје има проксимативно шест илјади кучиња. Вие не можете шест илјади кучиња да сместите во стационар. Тоа не е одржливо, тоа е економски неизводливо, тврди Пешева. Таа вели дека проблемот не само што е статус кво, туку тој ескалира, а институциите се сметаат за ненадлежни. – Градоначалниците можеа да применат мерки за одговорно сопствеништво, да си ги земат комуналните инспектори, да им ги прошират ингеренциите и да го проверуваат одговорното сопствеништво со читачи. Можеа да вметнат даноци, дадовме и таков предлог. Данок откако сите ќе се исчипираат, данок на некастрирано куче, зашто тоа е потенцијален проблем. Имаме неконтролирано размножување, вели Пешева. Според ветеринарот Воислав Димитровски од „ВетСвет“, проблемот со уличните кучиња во државава веќе оди во насока што не е посакувана. – Последните неколку години, генерално, властите и институциите што треба да се грижат за овој проблем го занемарија, иако имаше некакви најави дека ќе се проба со малку поголема кампања, поголема активност да се реши проблемот, а реално во моментов нема спроведени конкретни мерки што ќе придонесат за подобрување на состојбата или контролирање на проблемот со бездомните кучиња, вели ветеринарот Димитровски за МИА. Тој смета дека во државава има луѓе што навистина знаат како да се реши проблемот и работат на него со години. Професорот на Факултетот за ветеринарна медицина Влатко Илиески смета дека менаџментот на бездомните кучиња е комплексна работа каде што треба да се организираат повеќе надлежности за да се реши проблемот. – Кога зборуваме за преземање мерки за намалување на бројот на бездомните кучиња, секогаш можеме да кажеме дека не е доволно затоа што менаџментот на бездомните кучиња е комплексна работа и треба да се организира поголем дел од општеството, Градот и другите институции за да се реши тој проблем, наведе Илиески . Проблем е неодговорното сопствеништво Најголем виновник за постоењето на бездомните кучиња, според Пешева, е неодговорното сопствеништво. – Имаме фрлање кучиња на улица, што не се казнува во континуитет откако постои нашата држава. Имаме создавање на легла што исто така се фрлаат на улица, немаме никаква култура за кастрација и стерилизација на домашни миленици. Дали знаете на терен колку легла наоѓаме? Логиката на македонскиот граѓанин е „куче е, ќе се снајде на улица“. Не, така се размножуваат слободно и така се прават глутници. И потоа луѓето викаат кучињата ни пречат, но ние сме ги создале, со својата неодговорност, истакна Пешева. Според нејзините податоци, дури две третини од вдомените кучиња остануваат на улица. – Луѓето сметаат дека кучето уште има употреблива вредност. Не постои апсолутно никаква еманципација во однос на тоа дека постои закон, дека постојат одредени правила кога во урбана заедница се држи куче, или во рурална заедница. Ниту една од институциите што се надлежни за овој проблем не се дрзнуваат да ги потсетат граѓаните на некои права и обврски кога имаат миленик, нагласува Пешева. Таа смета дека имаме релативно добар Закон за благосостојба на животните што овие работи ги предвидува и ги дефинира, меѓутоа немаме никаков систем и механизација за тој да се имплементира. – Не постои ниту еден човек што е казнет за неодговорно сопствеништво, а од друга страна немаме регистрирани кучиња со сопствеништво. Дури лани почнале да се регистрираат кучињата, откако постоиме како држава. Како здружение предлагавме на комуналните редари да им се зголемат ингеренциите, да проверуваат дали се чипирани кучињата, не да ги казнуваат граѓаните. Доволно е само да ги предупредуваат дали им е микрочипирано кучето, а тоа значи кучето да добие лична карта дека има сопственик. Невозможно е да казнувате некого и да спроведувате некакви правила на одговорно сопствеништво, кога немаме регистрирани кучиња со сопственици, посочи Пешева. И ветеринарот Воислав Димитровски од „ВетСвет“ проблемот со уличните кучиња го гледа во сопствениците на домашни кучиња. Вели дека преку неправилното чување домашниот миленик не е навремено стерилизиран или кастриран и како таков се пушта на улица. – Каде е проблемот со пуштањето расни кучиња во градов. Реално тоа се определени раси кучиња што се слатки, игриви, допадливи за семејствата, како што се самојед, хаски, маламут или лабрадор. Тие посебно помалата генерација ги сака, родителите ќе им ги купат, но кога децата веќе губат интерес или кога гледаат дека е сериозна обврска, родителите не можат да го одвојат потребното време и кучињата обично ќе видиме дека се испуштаат или се оставаат до пазари, месарници, училишта или паркови каде што веќе има определена група кучиња, истакна Димитровски. Тоа, како што вели, е многу опасно затоа што ново куче кога ќе дојде во определена средина каде што има друга глутница кучиња или две-три нови кучиња, кучињата се вознемируваат и настануваат овие несакани случки, како што се каснување или агресивност на определени кучиња. Според него, тоа е најмногу поради борба за територија. Програма „Залови, стерилизирај, врати“ Во 2007 година кај нас почна да се спроведува Проектот за третман на бездомните кучиња според принципите за хуман третман на животните – ЦНР-програма („catch, neuter, release“ – „залови, стерилизирај, врати“), осмислена од Светската асоцијација за заштита на животни (WSPA) и Кралското здружение за заштита на животните на Велика Британија (RSPCA). Програмата е поддржана од Светската здравствена организација (WHO), а беше одобрена од Советот на Град Скопје. Од „Анима мунди“ велат дека поради неодговорното сопствеништво, кучињата се фрлаат на улица и слободно се размножуваат. Затоа сметаат дека најдобро решение е програмата „Залови, стерилизирај, врати“. – Генерално, ако ви ја кажам прогресијата: ако единката што не е стерилизирана, годишно дава 20 кучиња, под претпоставка дека тие двапати се парат годишно, а под претпоставка двапати по десет кучиња раѓаат во просек, половина од тие нека се женски, тоа се 200 кучиња во една година само од една единка. За седум години, од една здрава единка настануваат 60 илјади кучиња, смета Пешева. Според неа, треба масовно и во секој момент, во континуитет да се стерилизираат бездомните кучиња, за да не може да ескалира проблемот. – Кога вие го покривате проблемот со стерилизација, вие практично имате една контролирана состојба. Кучето не создава глутници. Ужасно е да имате една женка што се пари, зашто кучињата ја намирисуваат на девет километри, агресивни се, тоа е силен инстинкт и имате градски проблем, вели таа. Ветеринарот Димитровски за програмата „Залови, стерилизирај, врати“ вели дека е многу добар систем на функционирање, но бара поголема вклученост на општините во оваа акција. – „Залови, стерилизирај, вакцинирај“, каде што влегува и третирање за внатрешни паразити и да се врати, да се маркира со ушна маркица, да се стави по ново и чип и да се врати на местото на заловување. Тој период би требало да трае 15 – 20 дена, и да се врати на точното место на заловување, затоа што кучето за тие 15-тина дена реално сè уште не ја губи територијата. Кога ќе се врати на самото место тоа веќе продолжува во својата нормална средина да функционира. Тоа е многу добар систем на функционирање со тоа што може да се контролира проблемот на таков начин, само треба самите општини многу поголем број кучиња да стерилизираат и да се вклучат во оваа акција, што реално не се прави и сведоци сме за тоа колку кучиња има во нашата држава, посочи Димитровски. Тимот на „ВетСвет“, како што информира тој, е вклучен во меѓународен проект што работи на проблемот со бездомните кучиња. Во моментов работат во околу 30 општини во државава, во три региони. Успеале да избројат определен број кучиња, да видат каде се движат со помош на ГПС-уреди. – Во моментов работиме и на стратегија во конкретните региони како да се подобри состојбата на кучињата со тоа што ќе се изработат и определени идејни решенија за изработка на стационари. Така што пробуваме да помогнеме во таа насока да бидеме колку што може поактивни за да може да го решиме проблемот, информира Димитровски. Сепак, програмата веќе долго време не се практикува поради застој во стационарот. Најголемата забелешка на „Анима мунди“ е што кога се затвори стационарот Вардариште, не се понудиле алтернативни решенија за да се продолжи со програмата на кастрација и стерилизација. Шилегов, пак, тврди дека уличните кучиња се третираат, се заловуваат од оние што имаат обврска да ги третираат во соработка со друштвата за заштита на животните и приватни ветеринарни станици каде што им се дава соодветен третман. – Условно на еден начин е добро што во овој период ние немаме зголемување на бројот на животните скитници што се нетретирани, бидејќи оние во глутници што шетаат низ градот се обележани дека се истретирани, вели Шилегов. Тој додава дека кога ќе го завршат стационарот и кога ќе го презентираат пред јавноста ќе ја презентираат и новата програма за третман на уличните животни и ќе влезат во кампања за посвојување. – Но, мора да се влијае сериозно и на сопствениците на домашни миленици своите обврски што ги имаат во согласност со законот да си ги исполнуваат, тоа е третман, стерилизација, затоа што не може да чувате домашен миленик, а во исто време да бидете и одгледувачница, смета Шилегов. Според професорот на Факулетот за ветеринарна медицина Илиески, оваа општоприфатена метода во светот позната како „Catch and release“ што се применува и кај нас има огромен недостаток и оти мора да се воведе мониторинг и евалуација на успешноста на оваа метода. – Подолг период се зборува за употребата на онаа позната метода „Catch and release“, општоприфатена секаде во светот, односно кучињата да се заловат, да се однесат во прифатилиште, да се стерилизираат, да се види нивната здравствена состојба и потоа да се вратат на самото место од каде што се земени. Низ години таа метода се применува, но секогаш има огромен недостаток заради тоа што тоа е само еден дел од онаа општоприфатената метода позната во светот како „Dog population management“ каде што, освен ова што се практикува во последните неколку години кај нас, мора да се воведе и метода на мониторинг и евалуација на успешноста на таа метода, потенцира Илиески, додавајќи дека секогаш се заборава што се случува со тие кучиња откако ќе се вратат на местото од каде што биле заловени. Нагласува дека мора да се воспостави систем на мониторинг на тие кучиња, да се види нивната бројна состојба, да се види евентуално опасноста за општеството, за луѓето во таа заедница каде што тие ќе бидат вратени. – Тоа е голем проблем за понатамошното менаџирање на таа работа заради тоа што и самите кучиња кога ќе се вратат на улица, тие повторно можат да бидат извор на зарази, на агресивно однесување итн. Што досега не сум видел во земјава, а би требало да се применува е мониторингот на местата каде што тие улични кучиња живеат, перманента контрола на нивниот број, да се види изворот на нивната исхрана. Честопати луѓето мислат дека кога ќе им дадат храна на кучињата се хумани, но всушност не се свесни дека тоа може да предизвика проблем, вели Илиески. Според него, мора итно да се воведе мониторингот и сите тие кучиња што повторно се вратени на улица да се идентификуваат, да се стави микрочип, да се знае нивното потекло. Смета дека тоа е придобивка и за општината поради тоа што општината што е законски одговорна доколку настане агресивност на кучето ќе има доказ дека кучето е веќе стерилизирано. – Затоа, кога ќе се носат одлуки за отворање шелтер, кога ќе се носи одлука дека некој ќе врши заловување, кастрација, мора паралелно да се формираат тимови во рамките на општината кои ќе ги вршат мониторингот и евалуацијата на успешноста на методата. Значи дека ние ќе може да почнеме со одредена бројка кучиња и да имаме план во наредните неколку години таа бројка да биде и намалена. Тој план треба да содржи перманентен мониторинг, евалуација на кучињата и евентуално нивно собирање повторно од улиците доколку се болни или создаваат некој агресивен проблем на луѓето, наведе Илиески. Во земјава, вели, воопшто не е воспоставен мониторинг на однесувањето на кучињата меѓу себе на улица, како и од каде доаѓаат бездомните кучиња, и од каде се хранат. Смета дека мора да се знае во секоја општина колкав е бројот на бездомните кучиња и кој ги храни, кој ги надгледува. – Треба да се знае дали изворот е од неодговорно сопствеништво на луѓето или тоа се кучиња кои живеат слободно во руралните средини кои сè уште не се под надзор и сами доаѓаат во поголемите градски средини. Тие две работи воопшто не се опфатени во досегашната стратегија во земјава, рече Илиески. Полиција за животни како една од мерките за решавање на проблемот Според здружението „Анима мунди“, програмата сама по себе не може да даде решение, доколку нема и имплементација на законскиот дел. – Сите кучиња да ги стерилизирате, луѓето пак ќе фрлаат нови, доколку немаме имплементација и на законскиот дел. Законот за заштита на животни што го имаме е добар, но постои само на лист хартија, вели Пешева. Според неа, полицијата за животни е потребна затоа што нема кој да ги применува законите. Тие дури и законски ја побарале, но наишле на отпор од Агенцијата за храната и ветеринарство. – Полицијата за животни е основна затоа што нема кој да ги решава овие работи. Законите нема кој да ги имплементира, зашто ниедна служба не се чувствува доволно надлежна. Агенцијата за храна и ветеринарство имаат осум инспектори кои се грижат и за говеда, и за фарми, и за кучиња со сопственици, вели Пешева. Посочува дека кучињата на улица се само доказ за едно комплетно нефункционално и неодговорно сопствеништво. – Значи, постои една тотална нефункционалност на системот. И кога не функционираат институциите што треба да го артикулираат ова, да го решат проблемот, нормално дека имаме хаотична ситуација, додаде Пешева. Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Атанасов во изјава за медиуми на одбележувањето на глобалниот ден за борба против беснилото, 28 септември, рече дека во 2017 година ниту една општина немала донесено програма за справување со проблемот со улични кучиња, а сега се поднесени околу 60 програми од кои над 40 се одобрени. – Имавме шест прифатилишта во 2017-та, денес имаме 14 и три во најава, односно во изградба. Со тој проблем полека почнуваме да се справуваме и верувам дека во блиска иднина ќе се формира целосната структура со регионалните прифатилишта. Со активностите што ги презема АХВ и локалната самоуправа полека ќе се реши и тој проблем со уличните кучиња, рече Атанасов. Во однос на формирањето полиција за животни, професорот Илиески нагласи дека токму мониторингот и евалуацијата може да ги врши оваа полиција. – Фактички тоа што го кажувам, мониторингот и евалуацијата може да ја врши т.н. полиција за животни. Тој систем е познат во Велика Британија, но тоа е повторно водено од невладините организации кои имаат друг облик на финансирање, смета Илиески. Вели дека тоа може да биде ефективно и кај нас, но доколку се најде начинот на нивното финансирање и кој сето тоа би го спроведувал. – И без оглед дали има таков систем на мониторинг мислам дека и тие луѓе кои би работеле како полиција за животни треба да имаат соодветна обука, знаење, емпатија кон животните во смисла на тоа дека ќе знаат да ја спроведат работата. И повторно, и таа полиција во Велика Британија што постои се спроведува паралелно со добро изградени шелтери, односно прифатилишта за кучиња што евентуално би биле места каде што би ги примиле тие бездомни кучиња, односно места каде што би се направило повторно нивно вдомување, вели Илиески.
|
|