Безбедносните сили на Косово се мобилизираат поради коронавирусот


Косовскиот претседател Хашим Тачи го прими денеска командантот на Безбедносните сили на Косово (ФСК), генерал-потполковникот Рахман Рама, со кого разговараше за нивото на готовност на ФСК за да помогне во соочувањето со ситуацијата предизвикана од ширењето на вируост Ковид-19 во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Тачи, како што соопшти неговиот кабинет, „побара од ФСК да биде мобилизирана, да го крене на максимум нивото на готовност и да помогне во превенцијата, соочувањето и надминувањето на кризата“.

– Генералот Рама нагласи дека ФСК е во состојба на готовност и има капацитет да се справи со секоја потреба, како со своите лекарски, така и со логистичките капацитети, се вели во соопштението, во кое се цитира изјавата на Рама дека „ФСК е спремна да дејствува во секое време и во секој дел од Косово“.

Претседателот Тачи, се вели во соопштението, изрази задоволство од нивото на готовност на ФСК и капацитетот за реагирање во секоја ситуација.

– Мобилизирањето на ФСК е последниот чекор пред прогласувањето вонредна состојба од страна на претседтелот на Република Косово, напоменува кабинетот на Тачи.