Без вакцини, нема запишување во прво одделение


Фото: Б. Грданоски

На првиот ден од уписот на првачиња во основните училишта, кој ќе трае до крајот на мај, надлежните укажуваат дека нема да се отстапува од донесените мерки по прогласената епидемија од морбили и дека оваа учебна година нема да се запишуваат првачиња за кои нема да биде доставен картон за вакцинација.

„Вакцинацијата е задолжителна. Во прво одделение нема да можат да се запишат деца што не се вакцинирани. Законот за основно образование е јасен. Мора да го подигнеме степенот на имунизација на сите граѓани со цел да ја спречиме епидемијата на морбили. Ова се мерки што се спроведуваат и нема отстапување од нив“, рече портпаролот на Владата Миле Бошњаковски.

Бошњаковски додаде дека основното образование е задолжително и дека децата треба и ќе одат на училиште. Меѓутоа, ова го отвора прашањето како надлежните ќе ги натераат родителите кои и натаму одбиваат да ги вакцинираат своите деца со МРП вакцина да го сторат тоа? Од Министерството за здравство подвлекоа дека здравствените установи не смеат да издаваат потврди ако детето не ги примило задолжителните вакцини.

„За децата што се запишуваат во прво одделение во основните училишта во мај, за следната учебна година, родителот е должен да достави потврда за примените задолжителни вакцини, издадена од надлежна здравствена установа. Станува збор за обврска пропишана со член 46 став (2) од Законот за основното образование“, посочија од Министерството.

За учебната 2019/2020 година очекувањата се дека околу 20.000 деца ќе се запишат во прво одделение. Право на упис имаат децата родени 2013 година, кои до крајот на годината ќе наполнат шест години, меѓутоа и оние што се родени во јануари 2014 година. Од основните училишта кои ги контактираше „Независен“ велат дека на првиот ден од уписот имало родители кои со своите дечиња дошле да ја достават потребната документација, како потврда од матичен лекар и од стоматолог, потврда од примени вакцини, како и извод од матична книга на родените за детето до училишната комисија. Поголеми метежи за упис директорите на училиштата очекуваат од средината на месецот.

И досега основните училишта при упис на ученик во прво одделение во основно образование бараа потврда за примени задолжителни вакцини издадена од здравствена установа, како и потврда за систематски преглед од стоматолог. Но во Законот за основно образование стои дека секое дете има право на образование, а тоа е задолжително и според Уставот. Министерот Адеми за „Независен весник“ неодамна рече дека разговарал со министерот за здравство да се најде соодветно законско решение при уписот во основно училиште, со кое родителите би биле помотивирани да ги вакцинираат своите деца.

„Во Министерството за образование и наука се разгледуваат опциите околу вакцинирањето на децата и нивниот упис во основните училишта, меѓутоа, каков и да е резултатот, законското решение ќе биде во согласност со Уставот во кој стои дека образованието е достапно за секого под еднакви услови и дека основното образование е задолжително“, рече Адеми. Тој додаде дека најновата верзија на предлог-законот за основно образование наскоро ќе биде објавена на ЕНЕР, по што ќе следува и дебата со стручни експерти.

Во првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ се свесни дека во состојба на епидемија јавното здравје има приоритет и државата мора да преземе соодветни мерки со цел да го заштити населението и дека ги поддржува, но потенцираат дека државата мора да најде соодветни форми и механизми со кои ќе обезбеди грижа, згрижување и образование на сите деца.

„Препорачуваме и сметаме дека родителите треба и мора да бидат целосно информирани за значењето на имунизацијата, но и за сите позитивни и негативни ефекти од истата, како и информации за квалитетот и безбедноста на вакцините. Државата треба да преземе одговорност ако има негативни реакции врз здравјето на децата како резултат на вакцинацијата, воедно да гарантира квалитет што нема да биде проследен со најразлични афери (на пр. вакцини со изминат рок или сомнителен квалитет). Дополнителна конфузија кај родителите околу важноста или опасноста од имунизацијата создава и неусогласениот став меѓу педијатрите, лекарите и здравствените работници. Затоа, сметаме дека е важно ставовите околу имунизацијата да бидат усогласени од страна на сите релевантни чинители (педијатри, лекари и здравствени работници) и да се земе сериозно предвид стравот на родителите, односно да се разгледаат нивните причини кои ги водат до одлука за невакцинирање на децата. Игнорирањето на случаите каде што деца имаа одредени здравствени тешкотии како резултат на вакцинацијата нема да го зголеми бројот на имунизирани деца, напротив ќе предизвика уште поголем отпор како резултат на нејаснотии и условување на родителите да ги вакцинираат децата доколку сакаат да го остварат правото на образование кое им е загарантирано со закон и со Конвенцијата за правата на детето. Наместо рутинска контрола, пред вакцинацијата на децата треба да биде пракса целосен, соодветен и темелен преглед на сите деца без оглед на социјалниот, економскиот и образовниот статус на родителите“, соопштија од „Меѓаши“.

Од Амбасадата нагласија дека државава ја има ратификувана Конвенцијата за правата на детето и има обврска истата да ја применува во сите одлуки кои се носат. Во членот 28 од Конвенцијата наведено е дека државите членки му го признаваат правото на детето на образование и остварување на ова право врз основа на еднакви можности.

„Го прогласуваат основното образование задолжително и бесплатно за сите. Според јавно достапните информации, имунизација на децата генерално се заснова на две гледишта: Првото, дека вакцините претставуваа придобивка на современата медицина и истите спасиле многу детски животи, а второто се однесува на негативните последици по здравјето и животот на децата и како резултат на истиот родителите одлучуваат да не ги вакцинираат своите деца“, додадоа од „Меѓаши“.

Вероника Мароска-Леова

Фото: Б. Грданоски