Без работа нема ни здравствено – На 43 милиони Американци им се заканува да останат без осигурување
Речиси 43 милиони Американци би можеле да го загубат здравственото осигурување поради пандемијата на корона вирус, се вели во новиот извештај на американската фондација „Роберт Вуд Џонсон“ и на Урбан институтот, пишува „Гардијан“.
Ако пандемијата резултира со стапка на невработеност од 20 отсто, како што очекуваат некои аналитичари, меѓу 25 и 43 милиони луѓе би можеле да останат без здравствено осигурување.
Ова сценарио се темели на податоците од минатата недела за бројот на невработени Американци. Во април бројот на невработени се искачи на рекордни 20,5 милиони луѓе, односно стапката на невработеност достигна речиси 15 отсто. Ова е највисока стапка на невработеност во САД во последните 80 години.
Пред пандемијата, 160 милиони Американци, или околу половина од населението, имаа здравствено осигурување преку вработување. Огромните загуби на работните места, а со тоа и на осигурувањето, се предвидува дека драматично ќе го променат американскиот систем на здравствена заштита и веројатно ќе резултираат со повеќе смртни случаи бидејќи луѓето избегнуваат скапа и недостапна здравствена заштита.
„Има луѓе кои мислат дека имаат заразна болест, но не сакаат да дојдат на тестирање или лекување затоа што се грижат какви финансиски обврски ќе имаат“, објасни Кетрин Хемстед, постар советник за политика на Фондацијата „Роберт Вуд Џонсон“. „Овој проблем открива многу недостатоци во нашиот систем“.
До 7 милиони отпуштени работници, кои завршија на берзата во последните неколку месеци, веројатно нема да најдат ново осигурување бидејќи продолжуваат лошите економски услови, предвидуваат истражувачите. Покрај тоа, се проценува дека околу 30 милиони Американци не биле осигурани дури и пред пандемијата.
Многумина кои сега се без никаква медицинска помош се очекува да користат програми за јавно здравствено осигурување за лица со ниски приходи, како што е „Медикеид“. Сепак, критериумите за прием во таква програма во САД варираат од држава во држава.
„Американскиот систем за финансирање на здравствената заштита не е изграден за да го издржи комбинираното влијание на пандемијата и рецесијата“, коментира д-р. Адам Гафни, претседател на лекарите во Националната здравствена програма. „Неизбежно, луѓето ќе умрат, бидејќи не можат да добијат грижа што им е потребна заради претстојната рецесија“.