Без одвојување од Албанија потешко до ЕУ преговори за Северна Македонија утре


Нема напредок во позициите на земјите-членки на ЕУ за отворањето преговори со Албанија и Северна Македонија по вечерашниот амбасадорски состанок во Луксембург.

Ставот на Франција останува непроменет во однос на преговорите со Тирана и Скопје. Париз смета дека е потребно повеќе време за реформа на преговарачкиот процес за земјите-кандидати и дополнителни докази за борбата против корупцијата и независноста на судството во Албанија и во Северна Македонија. Решавањето на статусот на СЈО и предметите, Франција постојано ги враќа на маса во дискусиите со европските партнери, велат повеќе дипломатски извори за МИА.

Според француски дипломатски извори, Париз смета дека иако постои напредок во судските реформи и борбата против корупцијата во Северна Македонија, „важно е исто така да видиме конкретни пресуди на веродостоен и објективен начин“.

Министрите за надворешни работи утре ќе се обидат да постигнат компромис за да се избегне префрлањето на досието на ниво на премиери и претседатели, бидејќи неколкумина стравуваат дека на лидерско ниво Франција полесно би можела да влијае врз другите земји членки и да ги убеди да ја поддржат во блокадата.

Франција е единствената земја која е против зелено светло за било која од двете земји, мнозинството ЕУ членки сакаат отворање со Албанија и Северна Македонија, а мал број земји се за отворање на преговори само за Северна Македонија. Тука спаѓа и Холандија, за која е тоа официјален став. Меѓутоа, според дипломатски извори во Брисел, Хаг е подготвен утре да се солидаризира со Франција, за таа да не биде изолирана доколку нема одвојување од Албанија.

Париз официјално е против одвојувањето, но постои надеж кај бројни земји-членки дека полесно би попуштила доколку одлуката се однесува само на Северна Македонија. За возврат некои земји членки би прифатиле во заклучоците да се спомене борбата против корупцијата, и/или СЈО и судството.

-Доколку има договор, веројатно нешто ќе се додаде, нема тоа да биде дополнителен услов, но може да се спомене СЈО кое Франција редовно го става на маса, вели дипломат од земја-членка за МИА.

Останува дека огромното мнозинство земји инсистира на отворање на преговорите заедно со Албанија, и дека ниту една држава за сега на маса не го ставила одвојувањето како предлог. А Франција тоа сама нема да го стори, велат дипломатите.

Главниот проблем е што Европската Комисија сама предложи спојување на двете земји уште минатата година, а оваа година иако суптилно воведе разлика во заклучоците помеѓу Албанија и Северна Македонија, таа остана на својата препорака да се отворат преговорите со двете.

-Нема договор за одвојување на двете земји, никој не сака да биде „лошиот“ во приказната, но ако има некаков резултат утре, тоа најверојатно ќе биде одвојувањето на двете, останува да се види дали и кој би го предложил прв, порачуваат за МИА дипломатски извори во ЕУ.

Тој додава дека доколку се понуди одвојувањето, ќе биде многу потешко за Франција да најде аргументи против зеленото светло.

Освен Холандија, не се целосно јасни ставовите на Данска и Шведска кои исто така би можеле да прифатат да се солидаризираат со Франција доколку нема начин да се изнајде прифатлив компромис утре или на самитот.

-Утре ќе се водат политичките дискусии помеѓу министрите, утре ќе се тестира политичката волја од сите страни, одвојувањето е еден од можните компромиси, точно е дека Франција не покажува флексибилност засега, но другите земји исто така силно притискаат, така што утре ќе биде појасно каква е политичката атмосфера во овој поглед, вели дипломат од Брисел за МИА.