Без договор и денешната средба на власта и опозицијата за законот за ЈО


Не е постигнат напредок во разговорите меѓу власта и опозицијата за новиот закон за јавното обвинителство кој утре влегува во собраниска процедура, изјави министерката за правда Рената Дескоска.

По денешната средба на работните групи во Собранието, Дескоска рече дека останува клучната разлика, а тоа е статусот на предметите на СЈО.

Власта, како што кажа, застапува став кој е преточен и во законот, дека СЈО треба да се спои со Обвинителството за организиаран криминал и корупција, а почнатите предмети од специјалните обвинители да продолжат да се процесуираат.

За статусот на обвинителите од СЈО, се предлага на тие на кои им завршува мандатот тој да не се продолжува, но на оние на кои уште им трае да продолжат да работат.

За вработените на неопределно време во СЈО, е предвидено да нема законско прекинување на работниот однос. Истражителите, пак, треба да се префрлат во Обвинителството за организиран криминал или да одат во МВР.

Дескоска рече дека е договорено забелешките на ВМРО-ДПМНЕ да бидат поднесени како амандмани во текот на процедурата во Собранието. Таа изрази надеж дека сите пратенички групи ќе го поддржат донесувањето на законот, која е важен за процесот на пристапување на земјата во ЕУ. Во меѓувреме, најави дека ќе работат на обезбедување на потребното собраниско мнозинство.

Прашана дали по „Рекет“ и притворањето на шефицата на СЈО Катица Јанева е нарушен кредибилитетот и на другите обвинители, министеркатра за правда одговори дека одговорноста е лична, а не колктивна, а институцијата не треба да зависи од тоа кој ја раководи.

Пратеникот Антонио Милошоски кој ја предводи работната група на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека на денешната средба се отвориле суштински прашања за кои постојат различни гледишта. Кажа дека се подготвени врз основа на аргументи и меѓународни стандарди особено поврзани со Судот за човекови права во Стразбур да предложат законски решенија за обвинителството каде нема да се прави компромис со правото на сметка на политиката. Таквото решение би требало да биде широко прифатено со политички консензус во Собранието, да биде долгорочно одржливо и применливо.

Прашан за предметите на СЈО, Милошоски рече дека не е спорно оти преметите кои се почнати и се водат согласно законскиот рок што го имаше СЈО, треба да продолжат до конечна судска разрешница.

Очекува дијалогот да продолжи со цел во догледно време да се приближат ставовите и да се преточат во заеднички предлог-текст или заеднички предлог-амандмани кои можат да го подобрат сегашниот Предлог-закон кој е усогласен помеѓу СДСМ и ДУИ.

Собраниската процедура за законото за ЈО почнува утре кога треба да биде утврдена потребата од негово донесување, по што ќе биде отворене комисиска расправа.

Милошоски не прецизира каков став ќе има утре  ВМРО-ДПМНЕ, но укажа дека власта го предлага законот без опозицијата и таа не може да има позитивен пристап кон тоа.