Без алатка за компаративна споредба на цените на производите потрошувачите се „изгубени“

Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) предлага да се направи алатка за компаративна споредба на цените на производите што како обврска, согласно измените на Законот за заштита на потрошувачи, трговците се должни да ги објавуваат на своите веб-страници. Од Министерството за економија и труд, пак, велат дека е потребно да помине еден месец од имплементацијата на обврската за да се согледаат резултатите, но не ја исклучуваат можноста да има општа веб-страница на која граѓаните ќе може да ги проверуваат цените на производите.
– Во доменот на објавувањето на цените на веб-страниците на маркетите, Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) нема поплаки. Сметаме дека таа алатка која ја применуваат трговците треба да биде доста видлива и доста препознатливи да бидат производите зашто вака луѓето се бунат. Некој што има намера да купи пет или шест производи треба во сите списоци на производи кои што ги објавуваат да ги бара баш тие производи и да оди онлајн од маркет во маркет за да може да ги најде. Кога би имале компаративна и унифицирана алатка тоа може да се направи многу брзо, вели претседателката на ОПМ Маријана Лончар Велкова во одговор на прашање пред почетокот на експертскиот форум во рамки на проектот „Јакнење на правата на потрошувачите во финансиските услуги“.
Сега, како што посочи, алатката не е унифицирана и нема групи по видови на производи, туку секаде е различно решено.
– Сега луѓето немаат ни време, ни можност да проверуваат. Идејата е добра, но уште треба да се развива. Кај нас е проблем што идеите се даваат и потоа не се развиваат, бидејќи се мисли дека е готово. Не е готово, само е почнато. Треба да се направи алатка за компаративна споредба на производите каде може да се купат поевтино и тоа е добро за конкуренцијата, изјави Лончар.
Заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески посочи дека Државниот пазарен инспекторат е на терен и соодветно ќе реагира онаму каде што ќе се откријат пропусти за законската обврска за примената на Законот за заштита на потрошувачи.
– Во 21 век сметам дека пред граѓаните јавно и транспарентно треба да бидат презентирани цените од сите маркети и тие самите да одлучат каде ќе ги трошат своите пари. Колку се прегледни или не се прегледни не можам да кажам сега. Тоа ќе го сублимираме после еден месец од имплементацијата. Можеби ќе одиме на една општа генерална веб-страница или збирна информација која ќе дава добри резултати за да може транспарентно граѓаните сами да ги контролираат цените онаму каде што ќе купуваат, рече Ристески во одговор на прашање.
Маркетите, аптеките и продавниците за техника и мебел од 18 април годинава имаат обврска на своите официјални веб-страници да ги објавуваат цените по кои ги продаваат производите. Обврската е согласно измените на Законот за заштита на потрошувачи, а Министерството за економија и труд изготви Правилник за начинот на објавување на цените на стоките и податоците што треба да се објавуваат од страна на мал, среден и голем трговец кој врши дејност трговија на мало. Како што е наведено во Правилникот, трговците треба да ги ажурираат цените на стоките на дневна основа, односно секој работен ден до 10 часот. Во случај на ненамерна техничка грешка во ажурирањето на цените на стоките, трговецот треба да ја коригира грешката во рок од 24 часа.