Бесплатни ранчиња и училиштен прибор за сите првачиња во Општина Центар


Фото: Б. Грданоски

Општина Центар и оваа година, преку општествено одговорни компании, ќе додели околу 600 бесплатни ранчиња и училиштен прибор за сите првачиња запишани во осумте основни училишта во општината. Градоначалникот Горан Герасимовски, во пресрет на новата учебна година, им посакува успешна година и примерно поведение, се наведува во денешното соопштение на Општина Центар.

Герасимовски во писмената изјава посакува и оваа година со насмевки, среќа и желби за успех, да се започне новата учебна година.

– Општина Центар заедно со општествено одговорни компании ќе подарат ранче и училиштен прибор за секое прваче. Знаењето е темелот на државата, затоа од почеток да вложуваме, зборуваме за важноста за стекнување нови знаења и изградиме млади и успешни генерации, нагласува Герасимовски.

Од Општината истакнуваат дека ќе продолжат да се грижат и да вложуваат во обезбедување подобри услови за сите основни училишта да бидат на највисоко ниво и децата да го добиваат најдоброто и најквалитетно образование.