Бесплатни превентивни прегледи по повод Светскиот ден на срцето


Фото: Б. Грданоски

Во организација на Институтот за јавно здравје денеска ќе бидат организирани повеќе активности за подигање на свеста кај општата популација за здрав стил на живот и превeнција на ризик факторите кои доведуваат до кардиоваскуларни заболувања и последици од нив.

Главниот настан ќе се одржи во Градскиот парк кај Школка во Скопје од 9:00 до 13:00 часот, период во кој гражаните можат да добијат бесплатни превентивни прегледи (мерење на крвен притисок, ниво на шеќер и ниво на холестерол во крвта, телесна висина и телесна тежина), пропаганден материјал со содржини за правилни избори за здраво срце, како и советувања од медицински персонал за правилен и здрав стил на живот во услови на криза од пандемијата со коронавирусната инфекција.

Настанот е организиран во соработка со Факултетот за физичко образование и здравје, пришто со помош на реквизити ќе се демонстрира потребата од умерена физичка активност во промоција на здрав животен стил и здраво срце, отпорно на болести предизвикан од COVID-19.