Бесплатната Академија на Инфинум со програма за развој на мобилни апликации првпат во нашата земја


Скопје првпат ќе биде домаќин на петнеделната бесплатна едукативна програма наменета за студенти, кои сакаат да научат како да креираат апликации за паметни телефони. За да се квалификуваат на Инфинум академијата, апликантите треба да поминат приемен испит, а пријавувањата се до 15 мај.

– Ја основавме Инфинум академијата со мисија да им помогнеме на студентите и на дипломираните инженери во подобрување на нивните вештини во дизајнирање и развој на модерен софтвер. Курсевите опфаќаат теорија, но поголемиоÑ ‚ дел од времето на студентите е посветено на практични задачи. Сите заинтересирани може да се информираат директно преку https://academy.infinum.com/ – вели Ѓорги Ќосев, директор на Инфинум Македонија.

Од 2015 година досега повеќе од 350 студенти од Хрватска, Словенија и од Црна Гора успешно дипломираа на Академијата. Програмата доби повеќе признанија и награди за нејзиното влијание и придонес кон заедницата.

Јелена од Хрватска вели дека Инфинум академијата многу и помогнала да изработи своја апликација.

– Кога се запишав на Инфинум академијата, немав никакво искуство поврзано со Андроид. Научив толку многу низ часовите, што успеав да си направам своја апликација. Навистина сум горда што ја добив оваа неверојатна можност, вели Јелена.

Во текот на годините, повеќе од 87 дипломирани студенти од Академијата се вработиле во Инфинум, а некои од нив сега се на високи позиции во компанијата.

– Знаењето и поддршката што ни ја пружи нашиот ментор беше одлично и корисно искуство, било да е тоа преку неговиот ангажман на предавањата или помошта за домашните задачи. Во само 5 недели научив многу за креирањето мобилни апликации, вели Петар од Словенија.

Од Инфинум додаваат дека студентите може да изберат меѓу курсевите за iOS и за Android и да учат од инженерите на Инфинум. Опрема на „Епл“ ќе биде обезбедена за студентите што ќе изберат курс за iOS.