Бесплатна настава по математика за сите третоодделенци
Учениците од трето одделение може да посетуваат бесплатна онлајн настава по математика, благодарение на хуманитарните активности на Лајонсите во Северна Македонија.
„Лајонс клубот Охрид и образовниот центар ПИСИ, повторно, го спроведуваат проектот „МАТЕматика3МК“ како помош за децата и нивните семејства. Секој понеделник и среда, наставник ќе реализира предавање во времетраење од 30 минути, на која покрај ученикот, може да присуствува и еден родител. Наставата може да се следи преку Фејсбук профилите на еден од родителите“, вели магистер Ангел Јанев од Лајонс клуб Охрид.
Пријавувањето за следење настава е преку ФБ страната „pisi obrazovanie”, со лајк на страната (link https://www.facebook.com/ObrazovenCentarPISI/).
Исто така, се реализира и бесплатен „еТЕСТОВНИК за 3 одд“, каде бесплатно се поставуваат материјали за вежбање, тестирање, за пишување домашни задачи, за проверка на знаењето, за напредување. Се поставуваат 4 тестовници со по 20 теста и со 3 комбинации за секој тест, односно по еден тестовник на тримесечие согласно планот и програмата на Министерството за образование и наука. Тестовникот може да се симне од www.matematika.mk, како помош за учениците, семејствата, но и на наставниот кадар.
Идеен предлагач и соработник во изработка и реализација на проектот е гувернерката на Лајонс дистрикт 132 за 2021/22 година, Весна Пацаноска. „Ние како движење секогаш помагаме на сите и во оваа насока, во мојата годишна програма за работа поставивме и вакви проекти кои нудат бесплатно образование на младите и поддршка на семејствата“, вели Пацаноска.