Бесмртните ја пригрлуваат новодојдената, новоосветлената ѕвезда над македонското небо, нашиот Ренџо
Четириессетиот ден-помен за Михаил Ренџов
Гордана Михаилова – Бошнакоска
Дојде овој ден од заминувањето на македонскиот поет Михаил Ренџов, од земното во небесното пливање на неговите песни, на неговата поезија. Ден ноемвриски проладен со сокриен ветер што влегува во телата на ние, збрани околу неговиот гроб темен, земен.
Му го осветлуваме патот, со запалените свеќи по кој се дели од нас, од ронливата земја, овие треперливи пламенчиња се патеката по која се виснува и слетува до своите небесни воини, ангелите чувари на небесниот, воздушниот трон. Само ни остануваат сеќавањата и неговата несогорлива поезија впиена во нас и тој мур врз земјата по која чекореше, тој мур од неговите воздишки, од неговите издишки. Песни послани по кои се шири една неизмерлива и несогледлива разделина, вардарска, пиринска, беломорска, неговата порака во песни несогорливи. И кога и подаде рака на поезијата, на песната и кога ја прифати подадената рака на македонскиот голем поет Ацо Шопов, што му го распосла огромното поле на поезијата, тогаш Ренџов се нурна во таа разноликост, да ја истражува, да ја пребарува и да најде едно место врз тоа поле, врз кое ги посла неговите песни.
Неговата поезија растеше во него и, надвор од него за да влезе во духот на македонскиот народ и да стане и тој самиот -поет на народот- онака како што од колено на колено се пеела македонската песна. Сега кога во широките пространства на небесата се македонските големи поети Блаже (Конески), Ацо (Шопов), Матеја (Матевски), Славко (Јаневски), Анте (Поповски), Петре (М. Андреевски), Радован (Павловски), кои и за своите земни животи веќе беа -класици-, ние со запалените свеќи за неговиот четириессетодневен помен, ги гледаме раширените раце на нашите велики ѕвезди, како ја пригрлуваат ново дојдената, новоосветлената ѕвезда над македонското небо, нашиот Ренџо, мојот извонреден другар и пријател, вечната солза во скарајот на моите очи.