Бесими: Со прераспределбата се обезбедува гарантирана исплата на зголемените плати, пензии и поддршка на стопанството


 

Предлог-одлуката за распределување на средства помеѓу буџетските корисници е одлука за реалокација на средства за исплата на зголемените плати за вработените во јавниот сектор, од овој месец, нешто што е договорено со синдикатите, исплата на зголемените пензии за 6% за пензионерите од октомври, што е согласно методологијата што ја утврдивме заедно, средства за социјални права, повеќе средства за земјоделски субвенции, за лекот трикафта за 55 пациенти и за мерачи за лицата со дијабет.

Ова го посочи министерот за финансии Фатмир Бесими денеска во Собранието каде на пленарна седница започна расправата по дополнетата Предлог-одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници, која содржи и 8 амаднмани кои беа прифатени во рамки на комисиската расправа.

„Вредноста на оваа реалокација е околу 300 милион евра, која се прави без да се зголеми дефицитот, а се обезбедуваат средства за сите трошоци што се предвидени“, истакна министерот Бесими и додаде дека тоа е направено од ставки каде има помала динамика на реализација, со заштеди и зголемени приходи од придонеси.

За исплата на зголемените плати во октомври, ноември и декември за сите вработените во јавната администрација се обезбедени 4,25 милијарда денари, за зголемените пензиите од 6 отсто за пензионерите се обезбедени 3,5 милијарди денари, 1,8 милијарди за поддршка на домашните и странски компании, 800 милиони денари за субвенции, 600 милиони денари за исплата на социјални права за гарантираната минимална помош, 290 милиони денари за зголемениот износ на студентскиот оброк и стипендии за ученици и студенти, 260 милиони евра за превод, печатење и откуп на учебници за основно и средно образование, 110 милиони денари за справување со Африканската чума, 100 милиони денари за набавка на лекот „Трикафта“ за 55 пациенти, како и 20 милиони денари за дигитални сензори за мерење на шеќерна болест.

„Гарантираме дека во текот на оваа година Буџетот ќе биде ликвиден и дека ќе се сервисираат обврските за исплата на плати, пензии и други обврски, како и за средства за справување со предизвиците од кризата“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.