Бесими – Руе: Финансиската поддршка од ЕБОР клучна во повеќе инфраструктурни проекти


Капиталните инвестиции се еден од клучните приоритети во владината програма, порача министерот за финансии Фатмир Бесими на средбата со директорката на Европската банка за обнова и развој – ЕБОР за Централна и Југоисточна Европа, Шарлот Руе и шефот на Канцеларијата на ЕБОР во земјава, Анди Аранитаси.

На денешната средба, информираат од Министерството за финансии, тема на разговор беа активностите кои се преземаат за реализација на проектите што се финансиски поддржани од Европската банка за обнова и развој во делот на модернизација на патната инфраструктура, железничко поврзување со Бугарија и Албанија, изградба на комунална инфраструктура, заштита на животна средина, како и енергетиката.

На средбата Бесими потенцира дека е клучна и значајна поддршката што Владата ја добива во реализација на овие проекти од меѓународните финансиски институции. При тоа напомена дека ЕБОР е финансиска институција со портфолио од околу 900 милиони евра во тековни проекти во јавниот сектор, а досега има одобрено 171 проект во вкупна вредност од 1,5 милијарди евра од кои 86 отсто се во јавниот сектор.

Меѓу приоритетните проекти, зад чија реализација стои ЕБОР се железничкиот дел од Коридорот 8 кон Бугарија, патниот правец Крива Паланка – бугарска граница, патниот правец Кичево – Букојчани, автопатската делница Скопје – Блаце, граница со Косово, а Банката има изразено интерес и за вклучување во финансирањето на проектот за изградба на западниот дел од железничкиот Коридор 8, делницата Кичево – Струга. Значителна поддршка има и во реализацијата на проектот за изградба на Интерконекторот со Грција, изградбата на гасоводните делници Свети Николе – Велес и Гостивар – Кичево, проектот за управување со цврст отпад, како и учество во проектот за Пречистителна станица во Скопје, за што денеска се потпишува Договор од 70 милиони евра за ВБИФ грант од ЕУ, а учеството на ЕБОР во реализацијата на овој проект е во износ од 58 милиони евра.

На средбата беше истакнато дека воспоставената успешна соработка ќе продолжи и во иднина на проекти кои ќе имаат придонес во развојот на земјата и подобрување на условите за живот на граѓаните.