Бесими – Павлова: Продолжува поддршката од ЕИБ за проекти за одржлива инфраструктура и зелена транзиција


Министерството за финансии има успешна соработка со Европската инвестициска банка која е подготовена да ја продолжи поддршката на Република Северна Македонија во финансирањето на клучните проекти за развојот на државата во областа на енергетиката, инфраструктурното поврзување, зелената транзиција, како и зголемување на конкуреноста на домашните компании.

Како што соопшти Министерството за финансии, ова беше констатирано на денешната средба на министерот за финансии Фатмир Бесими со делегација на Европската инвестициска банка предводена од потпретседателката на оваа меѓународна финансиска институција Лилјана Павлова. Тој на средбата ја истакна посветеноста на Владата на енергетска транзиција и на промена на енергетската структура во земјата, која, се посочува, ќе обезбеди сигурност во снабдувањето со енергетски ресурси со фокус на обновливи извори на енергија.

-На средбата стана збор за конкретните проекти кои се во фаза на реализација и можностите за ново финансиирање на развојни проекти во земјата. Се потврди потребата за засилување на динамиката на спроведување на проектот за гасниот интерконектор со Грција, особено во светло на последните случувања во светот. Со овој проект се придонесува кон диверзификација на изворите на енергија, постигнување на целите за декарбонизација и енергетска ефикасност, стои во соопштението.

За негова реализација, се потсетува, министерот Бесими и Павлова веќе го потпишаа Договорот за финансирање на изградбата на гасоводот кон Грција во износ од 28,9 милиони евра. Притоа преку ВБИФ инструментот беа обезбедени дополнителни 12,4 милиони евра како инвестициски грант, којшто ќе го управува Европската инвестициска банка. Преостанатите 16,5 милиони евра ќе се обезбедат од ЕБОР за што, исто така, беше побарана поддршка.

–Со задоволство гледаме на забрзувањето на зелената, инклузивна и одржлива транзиција на Северна Македонија преку зајакнатата соработка со нашите локални партнери. ЕИБ планира уште повеќе да ги доближи своите финансиски и технички ресурси до Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан, и тоа благодарение на новата посветена – ЕИБ Глобал. Во рамките на ЕИБ Глобал, би сакала да ја потврдам целосната поддршка од страна на ЕИБ за Северна Македонија во остварувањето на нејзините цели и реформи, согласно политиките на ЕУ и Стратегијата на ЕК за проширување. Како силен и посветен партнер на Северна Македонија, активно ќе работиме со цел да ѝ овозможиме на земјата придобивки од средствата достапни во рамките на Економскиот и инвестициски план за регионот. Покрај нашата поддршка за инфраструктурни проекти, посветени сме и на поддршката кон дигитална и енергетска транзиција на приватниот сектор, рече Павлова.

Со подддршка од ЕИБ и ЕБОР ќе се комплетира финансирањето на проектот за целосна изградба на железничкиот Коридор – 8, делница Крива Паланка – граница со Бугарија. Министерот за финансии изрази благодарност до ЕИБ и за нивната поддршка за добивање инвестициски грант за рализација на овој проект преку ВБИФ инструментот во износ од 149,2 милиони евра, при што ЕИБ се согласи за дополнителна техничка и целокупна поддршка со цел забрзана реализација на проектот во фазите што следат.

-Реализацијата на овој проект е еден од приоритетите на Владата, имајќи предвид дека изградбата на третата делница од железничкиот Коридор 8, е едно од клучните прашања во последните разговори со Бугарија и е стратешки проект на којшто во моментов македонско-бугарската група за транспорт активно работи. Дополнително, Владата, исто така, планира да ја заврши изградбата на западниот дел од железничката делница од Коридор 8, како делницата Кичево – граница со Албанија, за што наскоро ќе испрати апликација до меѓународните финансиски институции вклучувајќи и до ЕИБ за изразување интерес за финансирање на овој проект, истакна Бесими.

Во текот на средбата, како што се наведува, се дискутираше новиот проект за водоснабување и третман на отпадни води со кој ќе бидат опфатени 80 општини во вредност од 50 милиони евра, и кој се планира да се одобри во Одборот на Банката до средина на оваа година. Со ова се отвара патот за реализација на овој крупен проект со кој ќе се унапреди квалитетот на животот на граѓаните. Дополнително, во контекст на општинската инфраструктура се дискутираше досегашната имплементација на станицата за третман на отпадни води за Скопје финансиран од ЕИБ и ЕБРД.

Стана збор, наведуваат од Министерството за финансии, и за можноста од дополнителна поддршка од ЕИБ преку евтина кредитна линија за мали и средни претпријатија со која ќе се поддржи енергетската транзиција. Исто така, и за можностите на новата гарантна шема на Европската комисија за Западниот Балкан EFSD+ и приоритетните области на Владата на РС Македонија.

Бесими и Павлова ја потврдија посветеноста за продолжување со одличната соработка, интензивирање на комуникацијата во следниот период, како и важноста на ЕИБ како развоен партнер на нашата земја, се наведува во соопштението.