Бесими не се откажува од солидарниот данок, апелира да се донесе законот

Владата планираше да инкасира 80 милиони евра дополнителни буџетски приходи, а според предлог – законот доставен во Собранието, фирмите требаше да го платат данокот до крајот на мај


Фото: Б. Грданоски

 

Министерот за финансии Фатмир Бесими апелираше денеска до пратениците што побрзо да ги донесат законите од даночната сфера кои што се „заглавени“ во Собранието, иако, како што вели, се поминати сите фази на дебата. Тоа, меѓу другото се однесува и на таканаречениот данок на солидарност, од кој Владата планира да инкасира 80 милиони евра дополнителни буџетски приходи, а кој според предлог – законот доставен во Собранието, фирмите требаше да го платат до крајот на мај.

„Законите се во Собрание и апелирам уште еднаш сите закони што дел од даночната реформа треба што побрзо да се изгласаат затоа што веќе ги поминале сите фази на инклузивна дебата со сите чинители во општеството, со стопанските комори, со академската заедница, со политичките партии и таа дебата едноставно треба да продолжи и да не стои во Собрание“, изјави денес министерот Бесими, одговарајќи на новинарско прашање дали Владата се откажа од 80 милиони евра?

Предлог – законот беше доставен во Собранието уште во почетокот на годинава, и со ова решение требаше да бидат опфатени околу 200 компании кои оствариле над 10 милиони евра профит минатата година.

Доколку помине, очигледно ќе треба да се интервенира во рокот предвиден за плаќање на данокот.

Според предлогот на Владата, овој данок се однесува на екстра профитот, односно на добивката од последната година која што се споредува со просекот од изминатите години и оној дел што е повисок за 20 проценти се оданочува со стапка од 30 отсто.

Ваквиот предлог меѓу стопанствениците наиде беше окарактеризиран како „данок на успешност“ за бележувајќи и на Владата дека посветува мало внимание на борбата против сивата економија, од каде што можат да се наплатата значителни буџетски приходи, а ги оптоварува дополнително оние компании кои регуларно ги пријавуваат своите обврски кон државата и резултатите од своето работење.

Од Владата се повикаа на практиката во повеќе европски држави каде што ваквото решение сепак се однесуваше на одредени сектори кои во време на здравствената и енергетската криза инкасираа екстра профити, како штоп тоа се одредени петрохемиски и фармацевтски гиганти.
Бесими вели дека законите од даночната сфера треба да се донесат за да се реализираат предвидените приходи.

„Како што денес во Собрание конечно, по неколку месеци се очекува да се изгласа заемот од 100 милиони евра од Европската инвестициска банка, средства обезбедени за стопанството, директно за фирмите и кои дополнително ќе имаат поддршка за економскиот раст, така и сетот на даночни закони кои се дел од препораките кои што ни ги даваат и во извештајот за напредокот кон ЕУ и во економско социјалниот дијалог во Брисел, важно е тоа што веќе е во процедура што побрзо да заврши во Собранието за да може да ги реализираме проекциите што се предвидени во Буџетот“, изјави Бесими, одговарајќи на прашања на новинарите на маргините на конференција посветена на парафискалните давачки што се одржа во Скопје. (М.Ј.)