Бесими и Ангеловска-Бежоска во САД на Пролетните средби на Светската банка и ММФ


Министерот за финансии Фатмир Бесими од денеска до сабота ќе престојува во работна посета на САД, каде ќе оствари средби со високи претставници во седиштето на ОН, Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд.

Од Министерството за финансии информираат дека тој ќе оствари средби со заменик-генералниот секретар на ОН Амина Мохамед и регионалниот директор за Европа и Централна Азија, Ивана Живковиќ. На средбите ќе стане збор за поддршката што земјата ја добива од оваа значајна меѓународна организација во остварување на развојните цели, одржливиот развој, зеленото финансирање, како и за насоките за справување со предизвиците што произлегоа од енергетската и ценовната криза.

Во рамки на работната посета, министерот за финансии, заедно со гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, ќе учествува и на Пролетните средби на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд.

– Во фокусот на Пролетните средби во Вашингтон ќе бидат предизвиците со кои се соочува светот, како може да се одговори на тие предизвици и истовремено да се промовира раст и просперитет за сите. Ќе се одржат многу настани посветени на глобалната економија, меѓународниот развој и светските финансиски пазари, соопштуваат од Министерството за финансии.

Во рамки на Пролетните средби ќе оствари средби со заменик-генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд Бо Ли, директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс, како и алтернативниот извршен директор Лук Дресе. Бесими ќе има средби и со високи претставници на Светската банка, меѓу кои со новата потпретседателка за регионот на Европа и Централна Азија, Антонела Басани и извршниот директор Кун Давидсе.

– Средбите се можност да се направи осврт на политиките и реформите што ги презема земјата во насока на постигнување повисоки и одржливи стапки на раст, среднорочните планови, како и мерките за справување со кризата, истакнуваат од Министерството.

Бесими ќе има средби и со Брајан Меколи, заменик-помошник секретар за Европа и Евроазија во Трезорот на САД кој, како што посочуваат од Министерството, нуди значајна техничка помош во зајакнување на управувањето со јавните финансии, ефикасноста, транспарентноста и отчетноста на јавните финансии.