Бесими домаќин на Хајредини, Фити и Ангеловска: со паметни финансии до подобри решенија за КОВИД кризата

Министерско-експертска панел-дискусија во МФ: Со СМАРТ финансии побрзо надминување на кризата и побрз и одржлив економски раст

 

Економските предизвици и перспективи за наредниот период, новите антикризни мерки како и воведувањето нови системски политики коишто ќе бидат катализатор на опоравувањето, а потоа и на растот, беа тема на денешната панел-дискусија „СМАРТ финансии и економски политики во време на пандемија и новата нормалност“, којашто беше организирана од страна на Министерството и министерот за финансии, Фатмир Бесими, а на која присуствуваа поранешни министри за финансии и експерти од областа на економијата и финансиите.

На дискусијата учествуваа поранешните министри за финансии Џевдет Хајредини, Таки Фити и Нина Ангеловска, како и претставници на академската и експертска јавност Мирољуб Шукаров, Глигор Бишев, Зоран Јовановски, Никица Мојсовска-Блажевски, Јетон Мазлами, Александар Стојков и Изет Зеќири, а беше посочено дека корона-кризата, пред сѐ поради нејзиниот глобален и неизвесен карактер, и понатаму останува закана за домашната економија, како и дека е потребно преземање повеќе активности за надминување на истата, а потоа и поттикнување на економскиот развој.

Беше истакната потребата од преземање нов сет антикризни мерки, во делот на зголемување на домашната потрошувачка, но истовремено делување и на страната на понудата, односно зајакнување на приватниот сектор и поттикнување на инвестициската активност преку ликвидносни инјекции.

Исто така, беше посочена потребата од паралено преземање системски мерки во делот на финансиите и во насока на реструктурирање на економијата. Истакната е и стратешката потреба да се работи на креирање попредвидлив амбиент и поголема конкурентност на економијата.

Зборувајќи за мандатните цели и приоритети, министерот за финансии, Фатмир Бесими рече дека ќе се водеде концепт на паметни финансии или СМАРТ финансии (Strategical, Maintainable, Accountable, Reform-oriented, Transparent), односно систем на јавни финансии којшто ќе се базира на јасна стратегија и ќе биде одржлив, одговорен, реформски ориентиран и транспарентен, којшто ќе придонесе во надминувањето на кризата на среден рок и побрз економски раст на долг рок. Концептот треба да дејствува во повеќе насоки – пред сѐ да го зајакне процесот на планирање, подолгорочно буџетирање на средствата, кое освен поголема предвидливост ќе донесе и подобра реализација на проектите и програмите, кои вообичаено се во тек на повеќе фискални години. Понатаму тој систем ќе биде ориентиран кон мерење на резултатите и согласно тоа кон дејствување во иднина, како и кон фискална транспарентност, којашто е највисокиот степен на буџетска контрола.

Министерот за финансии најави дека ваквите панел-дискусии, консултации со академската и експертската јавност, како и општествените чинители: бизнис-заедницата, невладиниот сектор – ќе станат практика во Министерството за финансии, со цел преку размена на видувања и идеи да се дојде до оптимални решенија за ревитализирање на економијата и забрзување на растот.