Бесими – Ангеловска-Бежоска: Заеднички приоритет e финансиската и макроекономската стабилност


Соработката и континуираната  комуникација помеѓу Министерството за финансии и Народната банка се од исклучително значење за перманентно  и соодветно следење на состојбите и движењата во економијата, како и за одржување на финансиската и севкупната макроекономска стабилност. Тие се, и мора да останат заеднички приоритет на двете институции.

Ова, како што соопшти Министерство за финансии, се дел од заедничките заклучоци од денешната средба на министерот за финансии Фатмир Бесими и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска.

На средбата, меѓу другото, се дискутираше за актуелните состојби во домашната економија по првиот удар  како последица од ковид-кризата. Најсилното влијание, како што истакнаа соговорниците, се очекува дека е онa во изминатиот втор квартал од оваа година и дека ако нема неповолен развој на здравствената криза, веќе може да се фокусираме на активности за постепено економско закрепнување. Но, сепак предизвиците не се завршени – носителите на политиките мора и натаму постојано да ги следат движењата, да преземаат адекватни мерки за поддршка на граѓаните и компаниите и секогаш кога е потребно координирано да реагираат во согласност со своите надлежности.

-Актуелната криза предизвикана од Ковид 19 претставува историски предизвик, не само за нас, туку во целиот свет. Внимателно го следиме развојот на настаните и реагираме со соодветни мерки. Но за тоа, потребен е координиран  и професионален пристап, тука пред се ,мислам на координираната фискална и монетарна политика, но секако и пошироко на кохерентна економската политика. Останува во следниот период со сите засегнати страни да ги договориме конкретните активности. Паралелно со мерките коишто сега треба да се преземаат за закрепнување на економијата, треба и ќе работиме и на мерки и реформи што ќе значат подобрување на конкурентноста на нашата економија и прилагодување кон „новото нормално“. Главен приоритет ќе биде ублажувањето на ефектите од ковид-кризата и обезбедување солидна основа за заздравување на економијата, со фокус на обезбедување забрзан раст во посткризниот период, истакна министерот Бесими.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека досегашните ефекти од ковид-кризата врз домашната економија се во рамки на очекувањата од проекциите на Народната банка. Падот на економската активност во вториот квартал е многу блиску до проекцијата на Народната банка од 12 отсто. Сепак, како што посочи гувернерката, кај некои од показателите, остварувањата се и подобри од оние што се очекуваа, вклучително и за девизните резерви и за кредитната и депозитната активност на банкарскиот систем.

-Народната банка е максимално подготвена соодветно да реагира во рамки на својот мандат и ако се случи нов бран на здравствената криза. Во тој контекст, важна е и поддршката со пристап до девизна ликвидност во евра, којашто првпат ја добивме од Европската централна банка, а би ја користеле ако има потреба од тоа, рече гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Министерот Бесими и гувернерката Ангеловска-Бежоска го споделија мислењето дека е клучно што во сиот изминат период се одржува и се зајакнува финансиската стабилност, непрекинато и во текот на ковид-кризата. Потврда за тоа не се само показателите што ги следат двете институции, туку и согледувањата и оцените на меѓународните финансиски институции за отпорноста на нашиот финансиски систем на шокови. Кон нив се надоврзуваат и оцените од најновиот извештај на агенцијата „Стандард и Пурс“, во којшто е нотирано дека банкарскиот систем останува стабилен.

Двајцата соговорници, како што стои во соопштението, истакнаа дека токму здравиот, сигурен и стабилен банкарски сектор испорачува клучен придонес за севкупната финансиска стабилност и стабилизирање на очекувањата на инвеститорите, а со тоа и поддржување на економскиот раст.

Во рамки на средбата, гувернерката Ангеловска-Бежоска на министерот Бесими му го честиташе изборот за министер и почетокот на неговиот мандат. Притоа искажа и уверување дека во претстојниот период стручните тимови на Министерството за финансии и на Народната банка, покрај соработката во рамки на редовните институционални активности, заеднички ќе бидат посветени и на финализирање заеднички проекти, меѓу кои се новиот Закон за платежни услуги и платни системи, Законот за макропрудентен надзор, како и други закони кои треба да доведат до дополнително зајакнување на финансискиот систем.

Воедно, додаваат, се планираат нови проектни активности што ќе претставуваат заеднички придонес за домашната економија.