Беше ли Мицкоски на инаугурацијата или не: Наивни „сликари“ во високата политика

Впечаток е дека премиерот си бркал во САД партиска агенда, а тешката борба за националните интереси е само покритие за трошоците за огромната делегација


 

Доживеа ли премиерот Христијан Мицкоски пи-ар дебакл во Вашингтон? И денес од неговата партија излегоа со тврдења дека тој и Владата „работат напорно за да обезбедат напредок и иднина на граѓаните“ и дека нивниот престој во САД, на инаугурацијата на новиот претседател Доналд Трамп, „е исклучителен успех“ – иако она што виде јавноста е фотографирање по улици, присуство сами со себе на некакви споредни балови и, како единствено покредибилно – присуството на премиерот на претседателската парада во салата Capitol one, за да види лично како изгледа партиски митинг во САД.

 

Што е пострашно, од Владата секојдневно уверуваат дека Мицкоски е единствениот лидер од Балканот и еден од ретките во Европа што присуствувал на инаугурацијата, без да се запрашаат – зошто? И што е посмешно, уверуваат дека биле на инаугурацијата, иако од неа имаше директен пренос и цела јавност виде дека ги нема таму и дека се споредни играчи во американската приказна. Односно, дека тие што држат до себе и до земјата и што знаат надворешна политика – не одат на ваков главно национален настан, освен ако не се лично поканети од претседателот.

Христијан Мицкоски со контроверзниот новинар Такер Карлсон и со Крис Павловски

Она што можеше да се заклучи од преносите, од соопштенијата и од постовите околу настанот е дека премиерот, министрите, спикерот и другите членови на делегацијата (десетмина само се појавија на фотографии, а којзнае уште колку беа со нив) беа на некој вид студиска посета во САД и главно се дружеа со лобисти кои им беа домаќини. Дека се сретнаа со функционери со кои веќе имаа средби во Скопје и отидоа до Вашингтон да се дружат главно со Крис Павловски, при што главна вест беше дека премиерот го поканил Такер Карлсон да дојде во Скопје.

Дека со Ричард Гренел се сретна и Рамуш Харадинај, а покрај „единствениот лидер од Балканот“ во Вашингтон беше и лидерот на бугарската партија Промените продолжуваат, Кирил Петков, практично со иста покана и со иста и подобра програма од таа на нашата делегација, а не е веќе ни на власт во Бугарија.

Петков имено објави дека имал и затворен брифинг за политиката на Трамп наредните години  со конгресмени, гувернери и владини преставници и дека расправале за улогата на Бугарија во европската одбрана, за законот Магнитски, за снабдувањето со гас  и слично.

Наспроти тоа Мицкоски и неговата делегација разговарале со Девин Нунес и Ричард Гренел за нашата евроинтеграција и бизнис соработка, иако вториот е пратеник за специјални мисии, а Нунес е претседавач на советодавно тело за разузнување. И од сето тоа Муцунски заклучи дека „пред нас е период на цврсто партнерство, зајакнати политички и економски односи со САД“, како да Трамп ќе ги решава внатрешните проблеми на Македонија место да го освојува Марс, да го купува Гренланд и да продава криптовалута и евентуално да ја реши кризата со Русија и Украина. 

Четворица од најбогатите милијардери на инаугурацијата

Главната фотографија пак од инаугурацијата, на која не беше Мицкоски, беше таа на Трамп со четирите  ИТ магнати (што според американските медиуми вредат 900 милијарди долари) и првиот човек на кинескиот ТикТок во вторите редови – места кои нашиот премиер не може  да ги „купи“ ниту со парите заработени од целото владеење на ВМРО-ДПМНЕ досега. Затоа, единствениот македонски новинар во Вашингтон, немајќи што да каже за престојот на делегацијата, известуваше за говорот на претседателот на САД од Капитол Хил.   

Уште помалку имаа да покажат албанските преставници во Владата и спикерот на Собранието, Aфрим Гаши.

„Дојдовме да му честитаме функцијата на претседателот Трамп. САД не само што претставуваат одлучувачки фактор во глобалните политики, туку исто така остануваат непоколеблив сојузник на нашата земја. Заедно со претседателот на Алтернативата, Зеќирија Ибрахими, и заменик претседателот на Владата, Изет Меџити, тука сме за да ја докажеме сериозната посветеност во зајакнувањето на ова сојузништво“, напиша Гаши, илустрирајќи го тоа со една фотографија пред железна ограда, зад која се гледаше на  500-600 метри Капитол Хил, каде што беше инаугурацијата.

Министерот за здравство Арбен Таравари пак објави фотографија од некој спореден бал на која јасно се гледа дека се досадува, а ден потоа од ресторан во Капитол Хил од каде се гледа дека е далеку од тоа да има шанса да му честита на Трамп.  И, тоа додека во Македонија болните од рак алармираат дека немаат биолошка терапија.

 

По сите овие активности станаа јасни неколку работи околу престојот на македонската делегација во САД. Првата е дека тие таму беа единствени од Балканот (покрај сопственикот на ТВ Пинк и Кирил Петков) бидејќи другите знаеле дека ќе имаат само маргинална улога и дека тоа со толкав пат и за толку пари – не се исплати. Впечаток беше дури дека, освен Џорџа Мелони која доби покана да присуствува, сите други изгледаа како лузери и практично се стопија со публиката од 20.000 партиски поддржувачи на Трамп што тој ги удостои со присуство на претседателската парада околу еден час. Притоа, прашање е дали освен Мицкоски и министерот Тимчо Муцунски некој друг имаше прилика да присуствува и на тој настан.

 

Видливо беше исто така дека, како и на самитот во Вашингтон, во Владата има заткулисен политички договор на секој голем настан задолжително да има и преставник од албанската коалиција, го барала тоа агендата или не, одговарало тоа на функцијата или не, чинело многу или не… А, бидејќи „Вреди“ нема еден лидер туку четири, практично отсуствуваше само Билал Касами од оваа политичка ескурзија која повеќе наликуваше на студиски престој на тема „како изгледа инаугурација на американски претседател“, отколку на сериозна државничка посета. 

Притоа, очигледно беше дека, како и на самитот на НАТО во Вашингтон, двете, па и трите делегации си тераа своја агенда како да се во САД приватно, иако трошоците ги покрива државата, т.е. граѓаните во Македонија. Ниту на една од средбите, на баловите или на настаните не можеше да се видат сите членови на делегацијата, што остави впечаток дека во САД отишол секој што посакал од лидерите и дека никој не водел сметка дали воопшто имало потреба од толкаво присуство на инаугурацијата.

 

Со оглед на тоа дека на настаните и средбите не се појави ни амбасадорот на Македонија во САД, а Мицкоски се пофали дека со претседателот на Републиканската партија седи во ложата за време на претседателската парада на која присуствуваа главно партиските поддржувачи,  останува и лош впечаток дека премиерот си бркал во САД партиска агенда, а тешката борба за националните интереси е само покритие за трошоците за огромната делегација.

 

Разбирливо, една од реакциите во јавноста околу посетата на САД беше дека премиерот „ја промашил салата“ во која се случува инаугурацијата, но од тоа што видовме досега ја промаши и целта – бидејќи ни 100 соопштенија нема да го сменат впечатокот за лошата проценка и неисплатливоста на оваа пи-ар парада во Вашингтон. Особено кога Македонија е на листата на земји што примаат финансиска помош од САД, а една од првите одлуки на Трамп беше да ја укине токму помошта кон странски земји, поради уверувањето дека САД се расфрлаат со ваква помош надвор на сметка на потребите на Американците дома.

Сега е на потег Антикорупциската комисија  која треба да утврди кој се бил, колку чинел и дали бил оправдан овој пи-ар излет во САД што трае веќе со денови, додека граѓаните се мачат со тешки егзистенцијални проблеми во државата.