„Беше еднаш во Холивуд“: Ќе се исплати ли влогот на „Сони“ во Квентин Тарантино?


САД – Додека „Кралот лав“ се очекува да остане на првото место во бокс-офисот, по неговата премиера во јули и рекордните 191,5 милиони долари, вниманието на филмската индустрија сепак ќе биде фокусирано на „Беше еднаш во Холивуд“ во продукција на „Сони“, филм со буџет од 90 милиони долари што некои аналитичари го гледаат како обид за да видат дали оригиналните, самостојни филмови управувани од ѕвезди и филмаџии од А-листата сепак можат да напредуваат во ерата на франшизите.

Во живот кој имитира уметност, приказната на Тарантино за една каубојска ѕвезда заборавена во Холивуд, влегува во киносалите како жанр што некогаш се сметаше за сигурен начин за заработка, но сега тоа станува сè поретко. Тарантино, кој има посветена група обожаватели филмофили, е главната продажна точка на овој филм заедно со богатиот кастинг, предводен од Леонардо Дикаприо, Бред Пит и Марго Роби. Само неколку ѕвезди во последно време, како Двејн Џонсон, ги промовираат своите филмови на таков начин, при што повеќето високобуџетни филмови обично се рекламираат преку понзати актерски имиња или преку интересна, лесно објаснива приказна.

Но, врз основа на рецензиите од премиерата на „Беше еднаш во Холивуд“ во Кан, а сега и во Лос Анџелес, маркетинг-пристапот на „Сони“ за привлекување публика преку ѕвезди може да биде барем делумно поради неопходност. Додека филмот има базично сиже, критичарите како Стив Пенд од „The Wrap“, рекоа дека постојат пресврти за кои Тарантино побара од рецензентите да не ги откриваат, додека општите приоди на филмот имаат многу порелаксирано темпо од другите филмови на Тарантино, како што се серијалот филмови „Кил Бил“.

Во последниве години имаше неколку високобуџетни сложени филмови како „Блејд ранер 2049“, кои се здобија со критичко признание, но не постигнаа поголем успех подалеку од хард-кор обожавателите на овој жанр бидејќи приказната не била пренесена на убедлив начин преку маркетинг. Со преземање лесен пристап за промовирање на приказната на „Беше еднаш во Холивуд“, „Сони“ дефинитивно се коцка, особено со оглед на тоа колку компанијата инвестира за да го земе проектот на Тарантино.

По падот на Харви Вајнстин, кој му го овозможил почетокот на кариерата на Тарантино и ги продуцирал и ги дистрибуирал сите негови филмови, војната на наддавање понуди започнала со „Беше еднаш во Холивуд“, при што победи компанијата „Сони“ по ветувањето дека Тарантино ќе ја има целосната контрола врз последната верзија на филмот. „Сони“, исто така, му даде буџет од 90 милиони долари на филмот, кој стои како втор највисок буџет што некогаш му е даден на филм на Тарантино, веднаш зад буџетот од 100 милиони долари за „Џанго разузданиот“.

Дали ризикот ќе се исплати? Во моментов, се предвидува дека премиерата на „Беше еднаш во Холивуд“ ќе заработи од 35 до 45 милиони долари, со што „Сони“ планира почетна заработувачка од 30 милиони долари. Премиерата од 40 милиони долари ќе го стави во опсегот на последното летно издание на Тарантино, „Неславни копилиња“, кое во август 2009 година заработи 38 милиони долари на премиерното отворање. Додека другите филмови со слични буџети се бореа да го израмнат трошокот, дури и кога имаат такви бројки на премиерното отворање, Тарантино има зад себе добра историја на израмнување.

На пример, филмот „Неславни копилиња“ ја искористи слабата конкуренција во септември и заработи 120,5 милиони долари дома и 321 милиони долари ширум светот. „Џанго“, кој на премиерата заработи 30 милиони долари за Божиќ 2012 година, постигна и поголем успех, со тоа што номинацијата за најдобар филм помогна да заработи 162 милиони долари на домашен терен и вкупно 425 милиони долари на глобално ниво.
Но „Беше еднаш во Холивуд“ нема да го има луксузот на полесна конкуренција. Додека „Кралот лав“ и претстојниот „Хобс и Шо“ нема да ја привлечат главната демографска слика на возрасни филмофили кои бараат пореални филмови, тие ќе бидат конкуренција за поопшто возрасни публики кои можеби го гледале „Џанго разузданиот“ или „Неславни копилиња“, но исто така и редовно купуваат билети за блокбастери.

„Беше еднаш во Холивуд“ ја раскажува приказната за Рик Далтон (Дикаприо), каубојска ТВ-ѕвезда на крајот на својата кариера и сосед на Шарон Тејт (Роби), додека тој се обидува да ги пронајде следните чекори во неговата кариера во залез. Во меѓувреме, неговиот двојник, каскадерот Клиф Бут (Пит), се сретнува со озлогласениот култ на Чарлс Менсон. Во филмот исто така се појавуваат Емил Хирш, Тимоти Олифант, Дакота Фенинг, Курт Расел, Маргарет Квали, Брус Дерн, Остин Батлер и Ал Пачино. Филмот моментално има резултат од 93% на „Rotten Tomatoes”.

„Беше еднаш во Холивуд“ од завчера е во кината во САД, а од 14 август и во Велика Британија. Во Скопје, во „Синеплекс“ доаѓа од 15 август.