„Беса Транс“ злоупотребувал лиценца од друго возило и свесно го прекршувал Законот


Броевите на изводи на лиценци кои се евидентирани во Царинската управа при влез и излез и со кои што се шпекулира во јавноста, во ниту еден случај на се во сопственост на опожарениот автобус на превозникот „Беса Транс“. Тоа подразбира дека превозникот вршел злоупотреба на извод од лиценца од друго возило и лиценца од фирмата и со тоа свесно ги прекршувал одредбите од Законот за превоз во патниот сообраќај, информираат од Министерството за транспорт и врски.

Како превозникот вршел влез и излез од земјата, од Министерството за транспорт и врски, посочуваат дека тие не се орган кој што има надлежност да контролира и дека овие информации треба да ги докажат меѓународните и домашните истражни органи.

За опожарениот автобус превозникот „Беса транс“ немал извадено извод од лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници и овој автобус не е евидентиран во електронската база на Министерството за транспорт и врски.

– За да појасниме, бројот 007017 е број на лиценца на превозникот „Беса Транс“ БТБ за вршење на меѓународен превоз на патници. Бројот 22679, со кој што шпекулираат одредени медиуми, а кој бил користен од опожарениот автобус при излез од земјата, е број на извод од лиценца на друго возило, со други регистарски таблички, исто така сопственост на превозникот „Беса Транс“, се вели во соопштението од Министерството за транспорт и врски.

Министерството за транспорт и врски, во соопштението, најостро ги демантира шпекулациите што ги објавуваат одредени медиуми и посочува дека веќе неколку пати информирале дека опожарениот автобус кој учествуваше во сообраќајната несреќа во Република Бугарија, не е пријавен од сопственикот во електронската база на податоци на Министерството, а со тоа не побарал извод од лиценца за ова возило.

– Согласно Законот за превоз во патниот сообраќај член 11 став 1, се вели дека превозникот може да започне да врши превоз на патници во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај, откако ќе добие лиценца за фирмата и извод од лиценца за моторно возило. Поради тоа, веќе информиравме дека Министерството за транспорт и врски ја одзеде лиценцата на вршење на дејност на превозникот Беса Транс БТБ, се вели во соопштението од Министерството за транспорт и врски.

Според информациите пак на МВР овој автобус ја поминал 113 пати границата само минатата година, очигледно со лажни документи.  Заедно со годинава поминал 135 пати.МВР соопшти дека во нивната евиденција стои дека во 2020 година истиот автобус во 22 случаи остварил влез – излез од државата, додека во 2021 година  остварил 113 преминувања на државната граница.