Беса Адеми на истражно столче во Судскиот совет во случај клучен за иднината на судството

Се бара разрешување на претседателката на Врховен суд бидејќи не доаѓала на седници. „Со оваа постапка ќе се одреди иднината на судството во Македонија“, оцени Адеми


 

Седницата на дисциплинската комисијата на Судскиот совет, која расправа за покренатата дисциплинска постапка против претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, заврши и според образложението што е поднесено, нејзе ѝ се префрла дека покажала професионална и правна некултура со недоаѓањето на седниците на ова тело, а особено на седницата на која беше повикана откако јавно обзнани дека има политички притисок брз судии од Врховниот суд.

Дисциплинската комисија составена од тројца членови треба да изготви извештај во рок од 15 дена и да го достави до целиот состав на Судскиот совет, кој потоа ќе одлучува дали таа ќе биде разрешена од функцијата во Врховниот суд.

Миљазим Мустафа, членот на Советот избран во Собранието на предлог на претседателот Стево Пендаровски, во образложението кажа дека Адеми не присуствувала на седниците на советот иако е член по функција од 22 мај до 30 октомври.

„Постапила спротивно на Законот на судски совет и, и покрај тоа што е должна да учествува на седницата, таа отсуствувала на 21 седница“, рече Мустафа. Таа доставувала известувања за неприсуство, но не било поткрепено со доказ за оправдано отсуство.

„Не ги извршува законските обврски и во својство на претседател кој е член на Судски совет по функција во наведениот период со неприсуство на седниците оневозможи коордонирано, активно и ефикасно остварување на неговите фунции со цел обезбедување на самостојност и независност на судската власт“, рече Мустафа.

Таа, според него, го прекршила законот и со тоа што не присуствувала на работната средба на која ја повикал претседателот на Судскиот совет откако јавно кажа дека судии од највисокиот суд имале политички притисок за аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

„Не само што го попречи и оневозможи Судскиот совет во остварување на својата функција туку и покажа професионална и правна некултура во почитувањето на институциите и придонесе за намалување на довербата на граѓаните во судството“, рече Мустафа.

Претседател на дисциплинската комисија која ја разгледува иницијативата е Мирсад Сурои, а членови се Мери Радеска и Селим Адеми. Иницијативата експредно се најде на расправа пред Судски совет по интервјуто на Адеми за „СДК“ во кое изјави дека Врховниот суд  бил мета на притисоци за да се оживее аболицијата.

„Со оваа постапка ќе се одреди иднината на судството во Македонија“, оцени судијката Адеми, во своето обраќање кон членовите на Судски совет кои тргнаа во поход да ја разрешат. Негира дека сторила каква било злоупотреба, ги отфрли тврдењата дека со неучеството на седниците на Судски совет ја попречила неговата работа, но и дека со недоаѓањето на работните средби влијаела на довербата во судството кај граѓаните.

Нејзината адвокатка Павлина Зефиќ-Јакимовска, посочи дека ова не е обична расправа, туку борба на целото правосудство за негова независност.

„Некој ќе рече денеска станува збор за обична расправа. За нас ова не е обична расправа. За нас ова е значаен, историски ден од причина што од исходот на оваа постапка ќе се исцртаат патоказите по кои ќе се движи правосудството во иднина. Некој ќе рече ова е борба на Беса Адеми како претседател на Врховниот суд, но ова е борба на целото правосудство за неговата независност. Тука станува збор за постапка за одговорност на претседателот на највисокиот суд на државата, па поради истото оваа постапка ги тангира сите чинители на правосудниот систем“, рече Павлина Зефиќ-Јакимовска.

Беса Адеми и нејзината адвокатка за време на денешната седница во Судскиот совет

Таа со извадок од извештај на оценската мисија на ЕУ, посочи дека токму тие препорачуваат Адеми да не биде член на Судски совет, а нејзиното неприсуство не е злоупотреба. „Во главата која се однесува на присуството на Врховниот суд се наведува: „Совет е претседателот на Врховниот суд повеќе да не биде дел од Судскиот совет за да се обезбеди внатрешна независност на судството“, кажа меѓудругото Зефиќ-Јакимовска.

Таа рече дека ги негираат сите наводи во барањето, дека претседателката прекршила одредена одредба од закон, а тоа да резултира со нејзино разрешување.

Иницијативата за утврдување на нејзина одговорност е поднесена во индикативен период – откако Адеми со судиите на Врховниот суд оствари средба со амбасадорката на САД, Анџела Агелер, на која се говорело за прашања што се однесуваат на независноста на судството. Средбата беше одржана во екот на шпекулциите дека една партија од власта бара начин за враќање на Никола Груевски во земјата, преку политички притисок врз Врховниот суд да даде начелно мислење со кое ќе се оживее амнестијата на Ѓорге Иванов.

По интервјуто на Беса Адеми за „СДК“ во кое таа јавно проговори дека „постојат ситуации на обиди за директно мешање на политиката и на другите власти, поради реализација на агенди кои не се во корелација на владеењето на правото и на надлежностите на судската власт“, почна и црна кампања против неа. Набрзо се „роди“ и иницијативата за нејзино разрешување.

Претседателката на Врховниот суд, како и министерот за правда се единствените двајца кои по функција членуваат во Судскиот совет и немаат право на глас при одлучувањето. Од друга страна, интересен е фактот дека претседателката на Врховниот суд Беса Адеми е „најотсутна“ токму на веб-страницата на Судскиот совет, кадешто таа воопшто не е наведена како член на Судскиот совет. 

Но, уште побитно е тоа што денешното „преслушување“ на Адеми за нејзино отсуство од седници, е во спротивност со една од препораките во Извештајот на Оценската мисија на ЕУ за работата на Судскиот совет, за кој пак Советот до денес сѐ уште не расправал.

Ваквата дисциплинска постапка од правни експерти се оценува како класична демонстрација на сила со која се праќа порака до сите останати судии дека доколку вакво нешто може да му се случи на претседател на Врховниот суд, тогаш ниту еден друг судија не е недопирлив и имун од ваков тип на арбитрарна ретрибуција. 

Целиот овој судски театар на крајот на краиштата праќа и порака дека сега кога Македонија е најблиску до тоа да почне преговори со Европската унија структури во судството помагаат на центри на моќ тие шанси да исчезнат. Имено како и многупати претходно токму тоа што ќе се посочи како клучен услов од ЕУ кај нас се спушта на најниски нивоа, т.е. се прави сѐ да добиеме лоша оценка во Брисел, а политичките и други центри на моќ кои стојат зад тоа да останат со чисти раце. (С.Ј.)