Бес во Србија поради тоа што „Вагнер“ се обидува да регрутира платеници

Претседателот Александар Вучиќ призна дека не разговарал со Путин „многу месеци“, а за Блумберг изјави дека „нашиот пат е ЕУ, нема друг“


 

Руското видео во кое се тврди дека покажува српски доброволци кои се обучуваат да се борат заедно со руските војници во Украина, предизвика бес во Србија, откривајќи ги нејзините сложени односи со Москва.

Руската платеничка група „Вагнер“ ги направи видеата на српски јазик за да поттикне регрутирање за војната.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, луто реагираше на национална телевизија.

„Зошто вие, од ‘Вагнер’, повикувате некого од Србија кога знаете дека тоа е спротивно на нашите правила?“, рече тој.

Критичарите често ја обвинуваат Србија дека му дава приоритет на долгогодишното пријателство со Русија пред нејзината амбиција за влез во ЕУ. Но, она што се појави во последните денови во Белград покажува дека сликата не е толку црно-бела.

Навестувајќи за помалку од розови односи со Москва, претседателот Вучиќ рече дека Србија не само што е „неутрална“ во однос на војната во Украина, туку дека не разговарал со рускиот претседател Владимир Путин „многу месеци“.

Незаконски е Србите да учествуваат во конфликти во странство.

Се чини дека бројот на вклучени српски регрути не е значителен. Некои навистина се бореа заедно со руските сили во Украина во 2014 година, но не со некаква официјална поддршка.

Всушност, српските судови осудија повеќе од дваесет лица за учество во „борби на странски борбени фронтови“.

Во четвртокот, адвокат со седиште во Белград и антивоени групи поднесоа кривична пријава против рускиот амбасадор, како и против шефот на српската државна безбедносна и информативна агенција (БИА) за наводно регрутирање Срби за групата „Вагнер“.

Во Белград, каде што провокативните мурали се вообичаени, амблемот со мртовечка глава на „Вагнер“ се појави на ѕидот во центарот на градот минатата недела. Тој беше потпишан од Народнa патролa, екстремно десничарска организација која претходно организираше проруски собири со мала посетеност.

Ниту една од главните политички партии немаше поддршка за инвазијата на Украина. Навистина, Србија постојано гласаше за резолуции во Обединетите нации со кои се осудува руската агресија.

Претседателот Вучиќ оваа недела кристално јасен ставот на Белград: „За нас Крим е Украина, Донбас е Украина и така ќе остане“.

Тој став не беше доволен да го импресионира Европскиот парламент, бидејќи Србија постојано одбива да воведе санкции кон Русија. Европратениците по втор пат донесоа резолуција со која се бара прекин на преговорите за членство додека Србија не се согласи на санкции.

Сè додека ЕУ покажуваше мал ентузијазам за проширување на блокот со вклучување на земјите од Западен Балкан, имаше смисла Србија да одржува пријателски врски со Москва.

Тоа го потсети Брисел дека Белград има други опции. Евтините испораки на гас, мнозинската сопственост на „Гаспром“ врз српската нафтена компанија НИС и одбивањето на Русија да ја признае независноста на Косово беа практични причини да се остане во добри односи.

Но, инвазијата на Украина ги смени перцепциите. Белград не беше импресиониран кога претседателот Путин се осврна на едностраното прогласување независност на Косово како оправдување за признавање на независноста на областите на окупираната источна Украина.

Во меѓувреме, Брисел со задоцнување сфати дека неговата воздржаност кон Западен Балкан ѝ остава простор на Москва да се меша. Пристапните преговори за Албанија и Северна Македонија беа брзо деблокирани – и Босна доби кандидатски статус.

Значи, ако претседателот на Србија чекаше момент да се сврти решително кон Запад, тој можеби штотуку пристигна.

Тој предупредува на „многу тешки“ разговори со специјалните претставници на ЕУ и САД – и вели дека ќе им се обрати на Србите во текот на викендот за да им каже „што се бара и што се очекува од Србија во врска со Косово и санкциите против Русија“.

Вучиќ има дадено слични забелешки и претходно – без да се обврзе на голема промена на политиката. Но, оваа недела тој уште еднаш повтори дека траекторијата на Србија е кон Запад.

„Знам дека ЕУ е нашиот пат“, изјави тој за Блумберг. „Нема други патишта“. (Би-Би-Си)