Берзите во светот во слободен пад, МБИ-10 утринава во минус 8,1 отсто


Најновите рестриктивни мерки ширум светот заради корона вирусот предизвикаа хаос на берзите во светот, а од надолниот тренд не остана имуна ниту Македонската берза – во 11,03 часот берзанскиот индекс беше во минус 8,11 отсто, покажуваат податоците на Берзата. Истовремено, поради остриот пад Загрепската берза го прекина тргувањето еден час. Во Европа, пак, цените на акциите се спуштија на најниско ниво во последните речиси четири години, откако САД привремено ги забрани патувањата од Европа. Во Азија, берзите исто така забележаа остар пад, поради стравот дека мерките што ги воведоа САД дополнително ќе го забават економскиот раст во светот.

Како што јавуваат агенциите утринава во Европа најмногу паднале цените на акциите во туристичкиот сектор, во просек за 8,6 отсто, бидејќи инвеститорите ги запрепасти вчерашната одлука на американскиот претседател Доналд Трамп за забрана за патување во САД во наредните 30 дена.

„Забраната за патување дефинитивно ги изненади сите. Се знаеше дека економските последици од корона вирусот ќе бидат големи, а со оваа дополнителна мерка влијанието врз работењето ќе се мултиплицира. Пазарите не го очекуваа. Тоа краткотрајно ќе биде голем трошок за економијата“, ја пренесуваат агенциите изјавата на Коон Гох, директор во АНЗ банката.

И покрај тоа што се очекуваат нови фискални мерки за поттик на стопанствата во водечките светски економиите, аналитичарите не се сигурни дали тие можат да направат пресврт во негативните трендови.