Берзите во САД достигнаа нови рекордни нивоа


Во понеделникот на Вол стрит, берзанските индекси достигнаа нови рекордни нивоа бидејќи инвеститорите се надеваат дека ќе се забрза економското закрепнување, благодарение на новите стимулативни мерки и вакцинациите против КОВИД-19.

Дау Џонс зајакна 237 поени или 0,76 проценти на 31.385 поени, додека S&P 500 порасна 0,74 проценти, на 3.915 поени, а индексот Насдак порасна 0,95 проценти, на 13.987 поени.

Новите рекорди за овие индекси се должат на надежта на инвеститорите дека ќе се забрза закрепнувањето на најголемата светска економија, со оглед на напредокот во дистрибуцијата на вакцините против КОВИД-19 и падот на бројот на нови инфекции во САД, што треба да ја нормализира економската активност со текот на времето.

Во 10 од 11 најважни сектори на индексот S&P 500, цените на акциите пораснаа вчера, а најмногу во енергетскиот сектор, повеќе од 4 проценти, откако цените на нафтата достигнаа највисоки нивоа во една година, пренесува Индекс.хр.

„Инвеститорите играат на фактот дека, благодарение на вакцинацијата на населението против КОВИД-19, економијата наскоро ќе се отвори, па можеби ќе можат да одат на бејзбол натпревари ова лето“, вели Пол Нолте, менаџер на портфолио на „Кингсвју асет менаџмент“.

Новите стимулации треба да помогнат во забрзување на економското закрепнување. Инвеститорите се надеваат дека веќе овој месец, Конгресот ќе го прифати предлогот на американскиот претседател eо Бајден за дополнителен пакет фискални стимулации вреден 1.900 милијарди долари.

Републиканските пратеници во Конгресот се спротивставуваат на уште еден дарежлив стимулативен пакет, бидејќи тој дополнително ќе го зголеми буџетскиот дефицит и јавниот долг, но Демократите имаат предност во двата дома на парламентот, така што инвеститорите веруваат дека предлогот на Бајден ќе добие зелено светло.

А, дека стимулациите се неопходни, покажаа во петокот податоците според кои американскиот пазар на труд полека закрепнува. Од почетокот на корона кризата во САД се изгубени речиси 10 милиони работни места.

Министерката за финансии Џенет Јелен вчера рече дека ако САД ги прифатат предложените стимулации, може да дојде до целосно вработување следната година.

На пазарот влијаат и позитивните квартални деловни резултати кои се подобри отколку што се очекуваше. Од речиси 300 компании во индексот S&P 500, кои досега објавија извештаи, 83 проценти ги надминаа очекувањата за профит во четвртиот квартал од минатата година.

Затоа, аналитичарите во анкетата на Ројтерс сега очекуваат заработката на компаниите о овој квартал да биде 2,4 проценти поголема во споредба со истиот период минатата година, додека на почетокот на сезоната се очекуваше пад на деловните извештаи за 10,3 проценти.

Но, постојаниот пораст на берзанските индекси, иако кризата со корона сè уште не е надмината, е причина за загриженост.

„Акциите беа преценети во најголем дел минатата година. И работите што ги гледаме сега со акциите на GameStop и цената на биткоинот се навестувања за шпекулации, а не за инвестиции“, вели Нолте.

Цената на биткоинот, всушност, достигна рекордни нивоа вчера, откако „Тесла“ објави дека вложила околу 1,5 милијарди долари во таа криптовалута и дека ќе започне да прифаќа плаќања за своите автомобили и други производи во биткоини.

Цената на акциите на „Тесла“ се зголеми за 1,3 проценти.

И на европските берзи цените на акциите пораснаа вчера. Лондонскиот индекс FTSE зајакна 0,53 проценти, на 6.523 поени, додека франкфуртскиот DAX порасна 0,02 проценти, на 14.059 поени, а парискиот CAC 0,47 проценти, на 5.686 поени.