Берзи: Технолошкиот сектор го вивна Волстрит на рекордно ниво, другите пазари во пад

На Волстрит, индексот S&P 500 достигна рекордно ниво минатата недела, во голема мерка благодарение на растот на секторот за технологија, додека на другите светски берзи инвеститорите се повнимателни заради бавното закрепнување на економиите.

Индексот Дау Џонс остана практично непроменет минатата недела, на 27.930 поени, додека S&P 500 се искачи за 0,7 проценти на рекордни 3.397 поени и индексот Насдак 2,6 проценти на рекордни 11.311 поени, пренесува СЕЕбиз.

Минатата недела, индексот S&P 500 се искажи над највисокото ниво во историјата досега, достигнато на 19 февруари и со тоа ги надомести сите загуби од избувнувањето на корона кризата.

Имено, од крајот на февруари до крајот на март, S&P 500 падна нагло како резултат на последиците од пандемијата на корона вирус. Сепак, се покажа дека е тоа беше најкратката доминација на „мечкин пазар“ во историјата затоа што, од 23 март, овој индекс скокна за 55 проценти, така што „бикот“ повторно завладеа на пазарот.

Индексот Насдак, кој достигна рекордно ниво во јуни, беше првиот што закрепна од влијанието на корона кризата. Минатата недела, индексот S&P 500, исто така, успеа да го стори тоа, додека Дау Џонс е сè уште околу 6 проценти под своето рекордно ниво, достигнато во февруари.

Брзото закрепнување на индексот од корона кризата е благодарение на досега невидените фискални и монетарни стимулативни мерки од страна на американските власти, вредни неколку илјади милијарди долари.

Овие фискални и монетарни стимули ги преплавија американските финансиски пазари со готовина, а во потрага по највисоки приноси, инвеститорите ги канализираа парите во акции.

Од 11-те сектори на индексот S&P 500, технолошкиот сектор, кој вклучува акции на „Епл“ и „Мајкрософт“, порасна најмногу, околу 25 проценти, од почетокот на годината. Со раст од 23 проценти, го следи потрошувачкиот сектор, што најмногу се должи на силниот пораст на цената на акциите на Amazon.com.

Сепак, остануваат сомнежи за тоа колку е оправдано зголемувањето на цените на акциите на берзата, со оглед дека американската економија е во длабока рецесија и дека закрепнувањето веројатно нема да биде толку брзо како што се надеваа инвеститорите.

„Закрепнувањето на индексот S&P 500 беше импресивно и создаде многу богатство, но не сум сигурен дека ја отсликува состојбата на економијата. Растот на индексот е повеќе последица на инфлацијата на средствата, што беше поттикнато од високата ликвидност, постојана фискална и монетарна поддршка за економијата, како и послабиот долар“, вели Патрик Лери, стратег во „Инкапитал“.

А дека ситуацијата во економијата не е многу импресивна, покажа запсиникот од неодамнешниот состанок на лидерите на американската централна банка минатата недела.

Пандемијата на коронавирус „во голема мерка ќе влијае на економската активност, вработувањето и инфлацијата и претставува сериозен ризик за економскиот изглед на среден рок“, се вели во записникот од седницата на ФЕД, оставајќи ги каматните стапки непроменети и порачувајќи дека на стопанството му е потребна парична поддршка.

Челниците на ФЕД веруваат дека стопанството сè уште има потреба од фискални стимули, бидејќи растот на вработеноста во последно време забавува, по силното закрепнување во јуни и јули.

„Инвеститорите ги игнорираат тековните економски слабости и се насочени кон точката во која ќе започне закрепнувањето, особено благодарение на поддршката на ФЕД за компаниите. Така е како што е, без оглед дали е правилно или погрешно. Сепак, мислам дека пазарот е малку пренапрегнат“, вели Брајан Рејнолдс, стратег во Рејнолдс стратегии.

Акциите на „Епл“ беа меѓу најголемите победници минатата недела, така што пазарната вредност на овој технолошки гигант надмина 2.000 милијарди долари. Така, „Епл“ стана првата американска компанија на која ѝ успеа такво нешто.

Технолошкиот сектор е предводник на закрепнувањето на пазарот во последните месеци, бидејќи деловните резултати на овие компании покажуваат дека кризата со корона не им наштетила значително. Всушност, тоа им помогна на некои многу заради работата на луѓето од дома и растот на „шопингот“ преку Интернет.

На европските берзи цените на акциите паднаа минатата недела. Индексот ФТСЕ во Лондон падна за 1,5 проценти, на 6.001 поен, додека во Франкфурт DAX падна за 1,1 процент, на 12.764 поени, а Парискиот ЦАЦ 1,3 проценти, на 4.896 поени.

На берзата во Токио, пак, индексот Никеи падна за 1,6 проценти на 22.920 поени.