Берзата во првиот квартал сврте 68 милиони евра, но МБИ 10 падна 22 отсто


Големи ценовни флуктуации и пад на вредноста на берзанскиот индекс МБИ 10 за 22 отсто, но и значајно поголем промет, дури за 133 отсто во однос на лани, го одбележаа тргувањето на Македонската берза во првите три месеци годинава. Поради големите турбуленции неколку пати беа променети дневните ценовни ограничувања и беше воведен нов механизам за автоматско стабилизирање на ценовните движења.

Како што покажува прегледот на Берзата за првиот квартал оваа година, вкупниот промет по сите основи изнесуваше околу 68 милиони евра, за 133 отсто повеќе од истиот период лани кога беа истргувани хартии од вредност за 29 милиони евра. Во однос на последните три месеци лани, паак, порастот изнесуваше 97 отсто (34 милиони евра).

Прометот со акции во БЕСТ системот во овој квартал бележи вредност од околу 41,7 милиони евра и е за 231 проценти поголем во однос на истата големина во првиот квартал лани, односно 122 проценти повеќе споредено со четвртиот квартал 2019 година“, се вели во берзанскиот преглед.

Анализата на десетгодишната временска серија на дневниот промет од тргување со акции во БЕСТ системот покажува дека во последните 10 години дури 5 дена со најголем промет од тргување со акции во класичното тргување биле токму во март 2020 година (12.03.2020 – околу 2,2 милиони евра, 06.03.2020 – околу 2 милиони евра, 20.03 – близу 2 милиони евра, 18.03 и 13.03.2020 година – околу 1,9 милиони евра и 1,8 милиони евра респективно).

Македонскиот берзански индекс – МБИ10 во првиот квартал од 2020 година бележи пад од околу 22 отсто.

Доколку се анализира по месеци, после одличната перформанса на индексот во јануари (плус 5,8 отсто), негативните перцепции за последиците од состојбите поврзани со Ковид -19 и движењата на меѓународните пазари во текот на февруари го поништија претходниот раст на МБИ10 (-5 отсто), а само во месец март индексот забележа пад од 22,47 отсто, што преставува втор најголем месечен пад на вредноста на МБИ10 од неговото воведување во јануари 2005 година (поголем месечен пад е регистриран само во октомври 2008 година)“, се вели во прегледот.

Со оглед на ваквите ценовни движења вкупната пазарна капитализација на котираните акционерски друштва на крајот на март 2020 година изнесуваше околу 2,5 милијарди евра и во однос на крајот на 2019 година бележи пад од околу 16 отсто.

Најтргувани хартии од вредност во овој квартал беа акциите издадени од Комерцијална банка, со вкупен промет по сите основи од 17,3 милиони евра, потоа следат акциите издадени од Алкалоид со вкупен промет од околу 9,2 милиони евра и акциите на НЛБ Банка АД Скопје со вкупен промет од околу 5,4 милиони евра.