Берзата овозможи бесплатно користење на апликацијата за електронско тргување


Македонската берза овозможи бесплатно користење на продуктот eTrader за инвеститорите во хартии од вредност додека трае вонредната состојба.

„Продуктот на Македонска берза за т.н. електронско тргување (eTrader), што е достапен на инвеститорите преку членките на Берзата (банките и брокерските куќи) и којшто овозможува далечински пристап за тргување со хартии од вредност на Берзата, ќе можe да се користи бесплатно“, соопшти Берзата.

Од таму појаснувааат дека надоместокот за користење на eTrader што досега се наплатуваше од страна на Берзата и нејзините членки, нема да се наплатува до траење на вонредната состојба поради вирусот Ковид -19. Ова е заедничка одлука на Берзата и Комисијата за работење со хартии од вредност при Македонската банкарска асоцијација, составена од сите членки на Берзата.

Апликацијата eTrader е наменета за клиентите на брокерските куќи и банките што овозможува праќање електронски налози до членките на Берзата и комплетен увид во тргувањето со хартии од вредност во реално време. Со eTrader апликацијата доволно е да се поседува електронски уред со пристап на интернет и независно каде инвеститорот се наоѓа може да дава електронски налози до својот брокер и да го следи тргувањето во реално време. На овој начин се заменува традиционалниот начин на тргување кој претпоставува физичко присуство на клиентите за давање налози во брокерската куќа или банка.

Од Берзата ги повикуваат сите инвеститори во хартии од вредност што помасовно да ги користат електронските налози за тргување со хартии од вредност, а членките на Берзата што повеќе да го популаризираат eTrader во новонастанатите околности.