Беровските пингпонгари нижат успеси


Беровските пингпонгари продолжуваат со одличните успеси на големите натпреварувања. На силниот Меѓународен турнир кој неодамна се одржа во Куманово, Пингпонгарскиот клуб Берово освои три медали, што беше причината за најдобрите од екипата, денеска да биде организиран прием од страна на градоначалникот Ѕвонко Пекевски.

Како што информираше, Јован Ковачовски, претседател на ППК „Берово“ последните успеси екипата ги забележа во женска кадетска конкуренција.

-На реномираниот Меѓународен турнир одлично се претставивме во женска кадетска конкуренција, во која нашите избранички постигнаа несекојдневен успех. Најсјајното одличје го освои Изабела Ковачевска, која освои златен медал, Михаела Чипевска со освоеното второ место се закити со сребрен медал, додека со бронзен медал се закити и Сара Чипевска, која во својата категорија се пласираше на третото место, рече Ковачевски.

Градоначалникот Пекевски, честитајќи им го успехот, на пингпонгарките им посака уште повисоки дострели во иднина.

-Честитки до нашите претставнички кои успешно ја претставија општината, во овој релативно млад спорт. Со вложување во себе, со спортување и надградување, верувам дека уште долго време ќе бидат одлични репрезенти на градот Берово во овој спорт, истакна Пекевски.

Пингпонгарскиот клуб „Берово“ брои 20 членови на возраст од 10 до 18 години и десетина повозрасни членови. Освен големиот успех на Меѓународниот турнир во Куманово, за една година од своето постоење ПКК „Берово“ го има освоено и државниот турнир за пингпонгари до 18 години.