Берово победник на конкурсот за најеко општина


Општина Берово е победник на конкурсот за најеко општина на Пакомак и Шпаркасе банка. Второ место е Општина Кавадарци, а трето место Општина Велес.

Како победничка општина, Берово забележала најдобри резултати во трите категории според кои жири-комисијата го вреднувала еколошкиот придонес на секоја од општините – по бројот и квалитетот на еко проектите во текот на изминатата година, буџет за екологија по жител и зеленило, како и соодветно менаџирање на вкупниот генериран отпад на ниво на општина.

Општина Берово, информираат од Пакомак, најмногу се истакнала во категоријата Буџет за екологија по жител и зеленило, каде го има добиено максималниот број бодови, а вредни за напоменување се и реализираните проекти за енергетска ефикасност на општинските објекти, акциите за чистење на Беровското езеро и кампањите за јакнење на еколошката свест кај населението.

Трите општини со најдобар резултат според мислењето на комисијата ќе бидат наградени за својата посветеност кон чиста, здрава и одржлива околина, а наградите ќе им бидат доделени во текот на месец октомври. Наградите и донациите се обезбедени од страна на Пакомак и Шпаркасе банка, со цел да бидат од корист на сите луѓе од заедницата, но и за да го поттикнат активното учество во борбата за почиста околина.