Берово цел месец ќе биде без безбедна вода за пиење – ќе им се носи со цистерни


 Во Берово започнува имплементацијата на проектот реконструкција на филтер станица, кој е инвестиција на Министерството за животна средина и просторно планирање. Поради градежните зафати кои треба да бидат реализирани, како што информираа од Општината во наредниот период, ќе се направи прекин на третманот на водата, со неможност да се достави безбедна вода за пиење, за корисниците од Општина Берово, приклучени на системот за водоснабдување на ЈПКР „Услуга“ Берово.

-Градежните активности опфаќаат санација на таложникот и замена на механичка опрема на влез на сурова вода во станицата, заради што неопходно е да се направи прекин на третманот на водата. Од тие причини,  нема да може да се достави безбедна вода за пиење согласно параметрите од Правилникот за безбедност  на водата за пиење (Сл.весник на РМ 183/18), за корисниците од Општина Берово, приклучени на системот за водоснабдување на  ЈПКР „Услуга“ Берово, информираа од Општината.

Прекинот на третманот на преработка на водата за пиење, како што додадоа се планира да почне од 04.09.2023 година и истиот ќе трае се до завршување на градежните работи на Филтер станицата  односно се очекува да биде некаде околу три до четири недели.

-Прекин на водоснабдувањето на достава на вода до граѓаните, како потрошувачи, нема да има односно водата од чешма ќе биде хлорирана и истата ќе можете да ја користите за санитарни потреби, перење како и за лична хигиена. Водата не смее да се употребува за пиење и готвење, како и за миење на садови и овошје и зеленчук, додадоа од Општината.

Во наведениот период Јавното претпријатие за комунални работи „Услуга“ Берово,  ќе организира доставување на вода за пиење преку соодветни цистерни. За начинот и локациите за дотур на вода за пиење, преку цистерните граѓаните на Берово ќе бидете навремено и дополнително информирани, преку  веб страна на ЈПКР „Услуга“ и социјалните мрежи.