Беровец и струмичанец овозможувале бесправна сеча на шума


Фото: Б. Богдановска

Вработени во МВР и Шумска полиција добија кривични пријави за „злоупотреба на службена положба и овластување“, „оддавање на службена тајна“ и „пустошење на шуми“.

Од МВР информираат дека денеска Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО ГОКК поднела кривична пријава против М.А. (42) од Струмица и В.П. (52) од Берово, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „оддавање на службена тајна“ и „пустошење на шуми“.

М.А. (вработен во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Сектор за шумска полиција) и В.П. (вработен во МВР, РЦГР Исток) во својство на овластени службени лица ја злоупотребиле својата службена положба и овластување така што во текот на 2025 година постапувале спротивно на законските прописи опфатени во Законот за полиција и Законот за шуми и не превенирале при извршување на кривични дела меѓу кои и „пустошење на шуми“. М.А. и В.П. не ја извршувале својата службена должност и не постапувале по издадените наредби за вршење на дејност, при што на лица во својство на организатори на кривични дела им оддавале информации поврзани со движење на контролните патроли од МВР и Шумска полиција во пределот на Берово и Струмица.

Исто така, не постапувале по однос на нелегалната сеча, иако претходно имале информации и биле запознаени со нелегалните активности и согласно своите овластувања и опис и попис на работни задачи биле должни да постапат, при што овозможиле други лица да се стекнат со противправна имотна корист од големи размери.