Берош: Можни се и по 1000 новозаразени дневно во Хрватска

Хрватска– Хрватскиот министер за здравство Вили Берош ја опиша состојбата со коронавирусот во Хрватска како загрижувачка, откако вчера  беа пријавени рекордни 748 новоинфицирани лица и предупреди дека ќе има уште повеќе.

– Ситуацијата е загрижувачка, но не е изненадувачка. Околностите во изминатиот месец, како и околностите во Европа и светот, укажуваат на тоа дека бројот на новозаразени лица расте насекаде, како и во Хрватска, изјави синоќа Берош за РТЛ.

Тој додаде дека поголемите собири на луѓе во последниот месец создале некои жаришта што предизвикаа такво зголемување на бројот на новозаразени.

– Покрај тоа, тука е и студеното време и фактот дека сме повеќе во затворени простории и тоа влијаеше на зголемувањето на бројот на заразени лица. Ќе има уште повеќе заразени лица, затоа треба да се однесуваме одговорно и да ги почитуваме мерките, рече министерот.

Тој не ја исклучи можноста дневно да има и по повеќе од илјада новозаразени лица во Хрватска.

– Можно е бројот на нови инфекции да се зголеми во наредните денови. Сепак, особено е важно да сфатиме дека треба да се однесуваме одговорно, самодисциплинирано и сериозно и да ги почитуваме мерките што ги препорачавме. Ако не сме одговорни, ако се дружиме, бројките ќе растат и понатаму, рече Берош.