Берлинскиот процес се сели во Отворениот Балкан

Регионалната соработка добива нов замав со потпишувањето на три договори кои ќе го олеснат слободното движење низ регионот


 

Берлинскиот процес идната година ќе се пресели во Западниот Балкан. Ова е најавата од самитот организиран од германскиот канцелар Олаф Шолц со лидерите на Западен Балкан на кој присуствуваа и други европски лидери, покрај претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Тие на прес-конференцијата изразија задоволство што регионалната соработка добива нов замав со потпишувањето на три договори за слободно движење низ регионот, за меѓусебно признавање на дипломите и за поголемата мобилност на работната сила. Германскиот канцелар Шолц притоа рече дека регионалната соработка е клуч за забрзување на пристапувањето на овие земји во ЕУ и дека билатералните спорови меѓу земјите од Западен Балкан мора да се решат.

– Србија и Косово мора да постигнат договор, а ние, француската влада и ЕК правиме се за да го овозможиме тоа, рече Шолц и додаде дека активни разговори се во тек со двете страни. Шолц изрази надеж дека двете страни ќе постигнат разбирање и оти наскоро ќе може да се види позитивен исход. Германскиот канцелар уште еднаш ја истакна својата принципиелна поддршка за прием на земјите од Западен Балкан во ЕУ порачувајќи дека местото на шестте земји од Западен Балкан е во ЕУ. 

Лајен, пак, потсети дека ЕУ се обврзала на инвестициски план од 30 милијарди евра за регионот, што е рамно на една третина од БДП на сите земји во него и дека сега, како итна помош за енергетската криза, ќе даде грантови од 500 милиони и резервирала уште толку за инвестиции во енергетскиот сектор.

Таа потсети дека оваа година беше пресвртна за проширувањето, бидејќи е донесена одлука за започнување на преговорите со Македонија и со Албанија, даден е кандидатски статус на БиХ  и отворен е нов кластер со Србија. Лајен им порача на европските граѓани дека инвестирањето во Западен Балкан не е само инвестирање во економијата или енергијата, туку инвестиција за мир и просперитет на целата Европа.

Албанскиот премиер, кој се појави со двата европски лидера на прес-конференцијата во својство на иден домаќин на самитот, рече дека поранешната канцеларка Ангела Меркел била во право кога го покренала процесот, бидејќи денес имаме обединет Балкан во многу комплексна ситуација во Европа. Тој нагласи дека лично самиот и другите лидери од регионот не се чувствуваат оставени сами да се справуваат со кризата што ја тресе Европа во моментов. Шефот на албанската Влада посочи дека мора да се “исполнат задачите за да земјата стане дел од ЕУ” и нагласи дека “Албанците никогаш не биле подобри од денес”. 

Околу опасноста тргањето на бариерите за движење и за вработување да предизвика дополнителен одлив на мозоци во земјите, германскиот канцелар Шолц рече дека е сигурен во тоа дека слободното движење, што постои сега во ЕУ и притоа опфаќа половина милијарда луѓе, е добро за нив, па така ќе биде добро и за регионот, бидејќи ќе значи размена на знаење, можности и искуства. Тој повтори дека билатералните конфликти меѓу земјите од Западниот Балкан треба да се решат и дека оваа година бил постигнат огромен прогрес, споменувајќи го договорот меѓу Бугарија и Македонија за спорот, со надеж дека наскоро ќе се стигне до таков договор и за спорот меќу Србија и Косово, нагласувајќи дека Германија и ЕУ се активно инволвирани во разговорите меѓу двете страни. 

Во заклучоци од самитот лидерите  ја потврдиле важната улога на Берлинскиот процес како двигател на регионалната соработка и забрзувач на процесот на интеграција во ЕУ.

Истакната била и важноста на инклузивниот формат со којшто се еднакво поставени сите земји од Западен Балкан, а во којшто се гледа како на катализатор за економска интеграција, инвестиции и проекти за поврзување насочени кон поттикнување на помирувањето, безбедноста, растот, вработувањето и просперитетот.

„Во насока на заложбите за заеднички регионален пазар, сите учесници на Самитот го поздравија потпишувањето на Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан и Договорот за признавање на професионалните квалификации за доктори по медицина, стоматолози и архитекти врз основа на правилата на ЕУ, коишто значително ја унапредуваат мобилноста на студентите, академиците и професионалци од Западен Балкан. Поздравено е потпишувањето и на Договорот за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан, како клучна пресвртница на Заедничкиот регионален пазар и значаен чекор напред кон отстранување на бариерите за мобилност на луѓето во регионот“, се наведува во соопштението.

Заедничкиот регионален пазар, како што било оценето, останува одлучувачки и сеопфатен процес, за да се постигне економска отпорност на регионот, особено во услови на руската војна против Украина и закрепнување на државите по КОВИД-19, што ќе овозможи понатамошна интеграција на Западен Балкан во единствениот пазар на ЕУ.

„Во однос на енергетската безбедност/транзиција, зелената агенда и климатските промени, сите учесници на Самитот се согласија дека енергетската криза и транзицијата кон обновливи енергии може да се управуваат само преку подлабока регионална соработка, дека Европа треба да го преиспита снабдувањето со енергија и околу енергетската безбедност и дека е ова клучно, не само за да се обезбеди прифатлива и сигурна енергија, туку и за борба против климатските промени и намалувањето на загадувањето на животната средина“, информираат од Владата.

За таа цел, лидерите на Западен Балкан ја усвоиле и Заедничка декларација за енергетска безбедност и зелена транзиција во Западен Балкан. Заложбите во неа, како што посочиле, се значително поддржани со изјави за поддршка и од другите учесници во Берлинскиот процес, особено од Комисијата на ЕУ.

„На Самитот е посочено како важно и заедничкото делување околу миграцијата, како актуелно прашање. Учесниците на Самитот се согласни дека сегашното, значително зголемување на миграциската активност, особено во регионот на Западен Балкан, создава големи предизвици за сите учесници во Берлинскиот процес, коишто бараат конзистентни и координирани мерки како одговор, односно дејствија против шверцот и трговијата со мигранти и бегалци, ефективно управување со границите, создавање одржливи системи за азил и миграција и сигурни процедури за враќање во земјите на потекло“, се посочува во соопштението.

Во делот на безбедноста, учесниците заклучиле дека различните форми на организиран криминал, незаконското финансирање на организиран криминал и терористички активности, корупцијата и перењето пари остануваат важен предизвик.

„Исто така, изразена е согласност за зајакнување на истрагите за корупција, со стремеж за проширување на капацитетите на национални агенции за истражување на корупцијата, подобрување на регионалната соработка и координација, зајакнување на постоечките мрежи за меѓународна соработка и доследно и ригорозно применување и спроведување на мерките од Патоказот за незаконски финансирања и антикорупција, како важен дел од овие напори“, се додава во соопштението.

Била идентификувана и потребата од поголема соработка на полето на сајбер безбедноста и борбата против различните форми на хибридни закани низ Западен Балкан.

На Самитот е изразена и подготвеност за зајакнување на тековната работа за интеграција на Ромите во областа на домувањето, образованието, вработувањето, зелената и дигиталната агенда, информира владината прес-служба.